Од МВР информираат дека во текот на 2 и 3 февруари 2026 година на територијата на Велес, Делчево, Скопје, Битола и Прилеп биле лишени од слобода осум возачи кои управувале моторни возила со активна забрана, без положен возачки испит или со фалсификувана возачка дозвола, при што во сите случаи возилата им биле одземени.
На 3 февруари 2026 година во 02:40 часот на улицата „Димитар Влахов“ во Велес, полициски службеници од СВР Велес го лишиле од слобода И.Т. (29) од Велес. При сообраќајна контрола било сопрено патничко возило „БМВ“ со велешки регистарски ознаки, кое го управувал, а на увид приложил фалсификувана возачка дозвола од Обединетите Арапски Емирати. Дополнително, било утврдено дека во македонската возачка дозвола му е впишана активна забрана за управување моторно возило. Лицето било задржано во полициска станица, а возилото одземено.
Истата ноќ, во 00:10 часот во Делчево, полициски службеници од ОВР Делчево го лишиле од слобода К.П. (31) од Скопје. При контрола на булеварот „Македонија“ било сопрено патничко возило „БМВ“ со делчевски регистарски ознаки, при што било констатирано дека возачот управувал без положен возачки испит за Б категорија. И во овој случај лицето било задржано, а возилото одземено.
На 2 февруари 2026 година во 18:00 часот, на влезот во селото Батинци, општина Студеничани, полициски службеници од СВР Скопје го лишиле од слобода Б.И. (24) од Батинци. Контролата покажала дека управувал патничко возило „Фолксваген голф“ со скопски регистарски ознаки, иако имал активна забрана за управување моторно возило во периодот од 22 декември 2025 до 21 април 2026 година. Возилото му било одземено, а лицето задржано во полициска станица.
Во текот на истиот ден, на 2 февруари, полициските службеници од СВР Битола извршиле повеќе лишувања од слобода. Во 15:33 часот на улицата „8 Септември“ во Битола бил лишен од слобода Е.М. (43) од Битола, кој управувал патничко возило „Хјундаи“ без положен возачки испит.
Во 14:31 часот, на патот Битола – Демир Хисар кај селото Кукуречани, бил уапсен М.А. (24) од Демир Хисар, кој управувал „БМВ“ без положен возачки испит.
Во 12:30 часот на улицата „Филип Втори Македонски“ во Битола бил лишен од слобода Д.Б. (37) од Битола, исто така затекнат како управува возило без положен возачки испит, додека во 10:30 часот на патот кон селото Бистрица бил уапсен Ш.Б. (34) од селото Острец, битолско, за истото прекршување.
Во сите случаи возилата биле одземени, а лицата задржани во полициска станица.
Дополнително, на 2 февруари 2026 година во 13:45 часот на улицата „Кузман Јосифоски“ во Прилеп, полициски службеници од ОВР Прилеп го лишиле од слобода А.И. (39) од селото Норово, крушевско. Тој управувал патничко возило „Алфа Ромео“ со крушевски регистарски ознаки без положен возачки испит за Б категорија, по што бил задржан, а возилото одземено.
Од МВР соопштуваат дека по целосно документирање на сите настани, против лицата ќе бидат поднесени кривични пријави по член 297-а од Кривичниот законик за „безобѕирно управување со моторно возило“, потенцирајќи дека ваквите контроли ќе продолжат со засилено темпо со цел зголемување на безбедноста во сообраќајот.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата