Со почетокот на новата учебна година ќе се воведе формално основно образование за децата болни од рак кои се на долготрајно лекување во болнички услови. Образовните власти ќе се потрудат ваков вид настава да има и за ученици кои се рехабилитираат по повредите во пожарот во „Пулс“.
– Ќе направиме анализа, доколку има потреба дефинитивно ќе бидат вклучени, иако не сум сигурна дека се многу. Оние што завршуваа четврта година, дел веќе полагаа матура, мислам дека едно до две деца се оставени сега да полагаат матура, одговори министерката за образование и наука Весна Јаневска на новинарско прашање при посетата на Клиниката за детски болести.
Министерката Јаневска најави дека покрај во болнички услови, ваков вид образование ќе имаат и децата што се лекуваат дома.
– Децата со канцер, покрај лекување во болница, се рехабилитираат во домашни услови. Наставникот определен за детето може да го посети во домот, доколку има услови и доколку дозволи здравствената состојба на детето, или онлајн да го совладуваат потребниот материјал. Покрај тоа што тие нема да ја изгубат годината, тие ќе бидат и мотивирани. Дали во клиника, дали во домашни услови или во центар за рехабилитација, наставата ќе се одвива, а со тоа и социјализацијата на овие деца, истакна Јаневска.
Направени се измени на законска и подзаконска регулатива и училиштата каде се запишани децата кои се на лекување на Клиниката, треба да ги вклучат во настава од септември – директно, односно онлајн додека траат часовите, или преку асинхрона комуникација (наставникот му испорачува материјали на ученикот, му задава задачи, оценува знаење…). Наставникот може да организира и индивидуална настава за ученикот, преку некоја дигитална алатка.
Целта е децата да немаат застој во воспитно-образовниот процес и по завршување на лекувањето, полесно да се ресоцијализираат, да се вратат во училиштето и меѓу другарчињата. Во тек се обуки за ефективна работа на далечина на наставниците со овие деца. Во моментов, на овој оддел на Детската клиника има околу 20 деца. Лекувањето кај овие деца трае до две години, а првите шест месеци треба да бидат хоспитализирани.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата