Осамен пеликан две недели се движел необично блиску до луѓето во Дојран, што предизвикало загриженост кај мештаните и посетителите. Птицата била забележувана и во водата и на копно, а фотографиите и видеата од нејзиното необично однесување се прошириле на социјалните мрежи. По ветеринарскиот преглед било откриено дека причината е сериозна – пеликанот бил погоден со сачмарка под крилото, бил изнемоштен и дехидриран, но за среќа немал скршеници. По интервенцијата на ветеринарот Ристо Ичков, во соработка со Агенцијата за храна и ветеринарство и локалните власти, птицата добила терапија, храна и безбедно место покрај езерото каде што ќе продолжи да се опоравува.– Погоден е со сачмарка под крилото. На десната страна има паднати пердуви и поцрнето месо, што значи дека имал рана – изјавил Ичков за МИА.
Пеликанот бил толку изнемоштен што ветеринарот лесно успеал да го фати. Раната била исчистена, а птицата добила антибиотик и витамини.
Помошта продолжила и со конкретен оброк. Дојранските рибари му обезбедиле околу 1 килограм свежи рипчиња.
За птицата е обезбедено и посебно место на крајбрежјето. Таму ќе може редовно да добива риба додека закрепнува.
Пеликаните, во Дојран познати и како бабли, живеат во јата. Според информациите што ветеринарот ги добил од искусен дојрански рибар, јатата обично се враќаат кон крајот на октомври и во почетокот на ноември.
Ичков очекува простреланиот пеликан дотогаш да закрепне.
– За еден месец ќе дојдат и неговите другари и можно е да замине со нив – рече ветеринарот
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата