logo
logo
logo

Д.П. Латас

Шпиунска приказна со среќен крај

Vecer | 13.09.2025

Шпиунска приказна со среќен крај

Деновиве се открива шпионска афера. Дека Агенцијата за национална безбедност (АНБ) заедно со Агенцијата за разузнавање (АР) следеле, а богами и сликале, па снимале и слушале со техника која не е телефонска шеф на тогашна опозиција, Мицкоски, негови први соработници како Александар Николоски и Антонијо Милошоски, новинари, бизнисмени... И речиси по правило сите тие од опозицијата, или опозиционо определени. За потреби на СДСМ и ДУИ.

Се отвори скандалот, поминаа неколку дена, се собра старата банда од СДСМ и смисли како да ја дефокусира и да го урне скандалот за да се спаси од законски последици. Побара јавно да се објават наодите за следењата и прислушувањата (не преку телефон) што, де факто, случајот го урива бидејќи објавени докази може судот да ги одбие како компромитирани.

Освен тоа, тој што ќе ги објави врши кривично дело оддавање службена тајна. Дека заканата не е заебанција доказ е и пресудата 6 месеци затвор условно на две години против новинар кој го објави сведочењето на Орце Камчев за случајот Рекет. Значи, и од таа страна има забрана за објавување се до судењето

Не може да се декласифицираат и објавуваат детали од работата на АНБ и АР и затоа што добар дел од нив се работени со странски партнерски агенции кои треба тоа да го одобрат, а и има детали кои по објавувањето може да бидат закана по безбедност и живот за соработници и извори на АНБ и АР.

За тие документи може да решава само Суд, во редовна судска постапка. Ни СДСМ ни ВМРО ДПМНЕ, ни АР ни АНБ немаат издавачка дејност на документи за јавна забава.

СДСМ и ДУИ со објавување на детали кој, што, зошто и како шпиунирал против тогашната опозиција, сакаат да создадат панаѓур атмосфера и ријалити шоу згодно за оговарање по кафани, канцеларии и социјални мрежи па овој исклучително важен скандал да го претворат во празни муабети и забава. А после судењето и не е битно, не мора ни да го има. “Невладините“ од СДСМ и ДУИ со нивните ботови по социјални мрежи ќе донесат “пресуда“.

Патем, верувам од желба за публицитет, еден помлад новинар во момент на засилено внимание за скандалот, најде (како што самиот вели) “бивш криминалец“... да раскажува како и тој бил “прогонет“ од АНБ, па дури имало “лажни дојави“ до хрватските безбедњаци од СОА заради што Хрватите му донеле одлука за протерување од државата. Дека бил жртва како и политичарите и новинарите. Срам да те фати на прва.

“Бившиов криминалец“ патем открива идентитет на вработен во АНБ кој ја напишал белешката до хрватската СОА за неговиот “лик и дело“, што е кривично дело пар екселанс против АНБ со откривање идентитет на нивни вработен во наведен процес, и дека друг наведен со име, негов другар, му вршел рекет за кој ТОЈ го пријавил по што следело апсење и судска пресуда за рекетот врз наведеното лице.

Мислев дека со гостувањето на Алфа, кај Бетмен, со детали од тезата за овој случај приказната дека нема потреба да се разводнува и дефокусира клучен скандал против јавен интерес со приказни на “бивши криминалци“ е завршена но, младиот новинар кој се занел во публицитетот потоа на еден подкаст има дообјаснување дека неговиот “бивш криминалец“ е невин, а ние кои сме му ги рушеле неговите моменти на “искреност и исповест“ сме го ругале без причина и сме ја штителе АНБ.

Младиот новинар знае дури и зошто него го следела АНБ. Но, од три основи за следењето, наведува само еден. Кои се другите два кои тој ги знае, а јавноста не?

Да разјаснам, и сега и во иднина, помеѓу заштита на институција, било да е Собрание, Влада, АНБ, Суд, МАНУ... и интерес на “бивш криминалец“ за перење на сопствената биографија, мојот став е – заштита на институцијата. И кога има пропуст или злоупотреба на институцијата се удира на извршителот, а не на самата институција без која општество не може да функционира. Одговорноста е индивидуална, па дури и во Обвинителството кое е најразурната институција во државава и збирот на индивидуални злоупотреби кај нив е општа појава.

А сега фактите за ова, па потоа фактите за системот.

“Бившиот криминалец“ охрабрен од младиот новинар и пар луѓе од АНБ од кампот на СДСМ, и еден од ДУИ, решава да ми поднесе тужба за клевета. ОК, поштуем. Тоа е негово право, а моја обврска да се бранам.

Прво, младиот новинар пред да стане адвокат во сенка на “бившиот криминалец“ требало да знае, или “бившиов“ да му каже, дека тој не е рекетиран. Не постои пресуда за рекет пријавен од него против лицето М кое го спомнува. Тој никогаш не се ни видел со тоа лице М. Ниту пак лице В. од АНБ е присутно кога имало размена на 5.000 евра, ниту пак тоа лице В. од АНБ било воопшто дел од истрага за рекет – кој не постои.

“Бившиот“ измислил приказна, типувал лабилен лик кој може да го употреби за ширење на приказната дека некој од АНБ го рекетирал па, откако не успеал, пишал до СОА во Хрватска дека “бившиов крмининалец“ е лик кој е во контакт со високо позиционирани криминалци, дилери, лица гонети за рекети, убиства и насилство... заради што хрватска СОА му плеснала одлука за протерување.

Едноставно, “бившиов“  ја искористил ситуацијата со скандалот во АНБ са свој интерес. И, за малку ќе успеел. Локалниот Боб Рок од “Цвеќарата“ си го употребил за свои потреби. Покажал дека е попаметен и постабилен од него.

Да завршам со “бившиов“ и со локалниов Боб Рок, новинар истражител во најава.

Постојат, ги имам кај себе, над 20 слики и видеа на “бившиов криминалец“ со сите важни дилери последниве години. Од плажи на море, до кафани и други места. Некои од тие дилери се ликвидирани, некои се во затвор а некои како Шеваљ од Грчец се во бегство. Добар дел од нив се познати и по дружење со главните функционери на ДУИ. Сликан е со нив, а сликани се со него и тие во хотел Мериот.

Имам детали за одбивањето на Комерцијална банка да прими негови околу 300.000 евра како сомнителни и прифаќањето на бугарската Уни банка, а потоа одлука на обвинителка парите да му се блокираат и следна одлука на нејзината шефица да му се одблокираат но... но.... Но, за услуга која мора да ја врши кон обвинителството. Која услуга? Има информација и за тоа. Нели ќе се судиме за клевета, нели јас пред судот треба да се бранам, па ќе оставам нешто и за таму. Сите дилери и криминалци со кои се сликал, од Раде Штекли до Шеваљ од Грчец наебале. Само он останал, сега веќе како “бивш криминалец“, кој е поштен градежен инвеститор чиј углед и лик јас сум го загрозувал.

Да се вратиме на АНБ и сериозноста на скандалот.

Секоја држава мора да има свои безбедносни и разузнавачки служби. По дефиниција на работата нивната дејност е поврзана со тајност, овластувања кои се значителни, заштитени со посебни закони, соработка со странски служби, сознанија и контакти со криминал кој е постојан. Тоа е голема моќ. А секоја моќ, дали е новинарска или разузнавачка е таргет, моќ која политичарите и бизнисмените сакаат да ја стават во своја функција. Така е во целиот свет, и отсекогаш.

Во принцип е тоа за легални но, но има и за нелегални цели. Сега НЕКОИ разузнавачи од АНБ и АР се фатени дека моќта ја употребиле за врвен криминал. Тие да ја уредуваат државата, да пакуваат кој ќе биде власт а кој опозиција, да држат под закана и уцена новинари, судии, обвинители и бизнисмени... Да стават под контрола државен и информативен систем и да манипулираат со него.

Тоа е, де факто, процес на државен удар. И така треба да им се суди. Кога ќе кажете “државата не функционира“ секогаш во заднината на таа реченица се политичари , обвинители и судии но, и разузнавачи. Последниве се често и повлијателни од претходно наведените. Можат да им пакуваат и уценуваат секогаш.

Трамп ова го тврди со години, и сега расчистува со шпиунските злоупотреби. Со голем отпор, но турка.

Во 2013 изби скандал дека ЦИА ја прислушкува германската канцеларка Меркел, се бараше одговорност од германската разузнавачка служба БНД и смена на шефот на БНД Шиндлер со обвинување дека го овозможил тоа. Шиндлер даде оставка во БНД, а една од последиците е забрана на БНД да прислушкува новинари.

Значи, злоупотреба на разузнавачите има секаде. Ама во саглам држави има и саглам борба против тоа, и казни за тие што го вршеле или профитирале. Време е саглам процес против злоупотреба на “службите“ да има и кај нас. Два пати се сопнуваме на тој камен, ако и третиов пат не го тргнеме каменот не е битно кој победил на избори, кој е обвинител или судија... Битно е кој е под контрола на “службите“ и кога “службите“ ќе ја решат и неговата и нашата судбина.

Во судска постапка видовме дека организатор на собирање прислушувани телефонски разговори бил поранешен директор на државната безбедност Зоран Верушевски од СДСМ кој на Заев му ги предал разговорите за свој интерес. Тие разговори СДСМ, ДУИ и СЈО ги злоупотребија, а плус истите се продаваа. Верушевски во СДСМ го доживуваат како “крал“ на “службите“.

Дали некој го повика на одговорност? Не. А каде е денес Зоран Верушевски... со своја канцеларија и богами плата далеку поголема од онаа на премерот на државава? А зошто, и која е неговата употребна вредност?

Се е како во онаа успешна шпиунска приказна. Не ја знаете? Па нема таква.

Д.П. Латас

(13.09.2025)

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk