logo
logo
logo

НУКЛЕАРКА ВО МАКЕДОНИЈА. Не е научна фантастика... Само е прашање на време

Vecer | 13.06.2026

НУКЛЕАРКА ВО МАКЕДОНИЈА. Не е научна фантастика... Само е прашање на време

Кинезите годинава презентираа “мини атомски централи“ способни да задоволат потреби за електрична енергија за територии и до еден милион луѓе на кои се изнталираат вакви мини централи во одделни општини. Се работи за технологија која во помал обем се применува во воената индустрија кај носачи на авиони, големи подморници на нуклеарен погон... а Кинезите први ја комерцијлаизираа за цивилна употреба, за што детално пишуваше Вечер.мк.

Ву Јикан, главен научен советник во Институтот за технологија за нуклеарна безбедност, го опиша системот како прва мобилна нуклеарна енергетска единица во светот од 10 мегавати. Според него, реакторот е резултат на долгогодишен развој и во моментов се бараат конкретни можности за негова комерцијална или оперативна примена.

РЕК Битола, како најголем капацитет за производство на електрична енергија во Македонија, има инсталирана моќност од приближно 675 MW до 699 MW (мегавати), составен од три блока.

Во зимски услови или при високи температури (кога се користат клими), градот Скопје може да троши и над 300-400 MW во моментите на најголемо оптоварување (врвна потрошувачка). Според спецификациите доколку по една ваква мини електрана би се поставила во 10-те скопските општини тоа би биле 100 Мегавати и би задоволила потреба на сите домаќинства, а индустријата би останала како потрошувач на државната мрежа.

ИМА ЛИ ИДНИНА НА БАЛКАНОТ

Во време кога Европа влегува во нова енергетска ера, и во Македонија сè почесто се споменува можноста земјава да биде потенцијална точка за изградба на мали модуларни нуклеарни реактори, таканаречени СМР-системи (или т.н. Small Modular Reactors – SMR).

Но во соседството на нашата држава, некои од државите не само што се подготвени во „низок старт“ да издржат спринт по ова прашање туку веќе форматираа и регулатива и регулатор по однос на ова прашање и веројатно сакаат да ја обезбедат својата национална економија, бидејќи енергијата, особено базните извори, фактички станува услов без кој не може да се направат драстичен скок на сопственото, национално стопанство во сите сектори и раст на БДП

Она што пред неколку години звучеше како футуристичка идеја, денес станува дел од сериозни геополитички стратегии и на САД и на Кина. Најновиот сигнал дојде од официјален извештај на американскиот Стејт департмент, упатен до Конгресот деновиве, во кој Западен Балкан и Македонија се посочуваат како дел од идните енергетски и нуклеарни иницијативи на Вашингтон.

Но, паралелно со американскиот интерес, Кина веќе со години работи на стратегија за инсталирање на сопствените (мали) реактори, а според повеќе регионални извори и енергетски кругови, Пекинг одамна доставил техничка документација и иницијални понуди за можни проекти и во Македонија. Прашањето можеби навистина не е дали Македонија ќе влезе во нуклеарната ера, туку кој ќе ја води, Америка или Кина?

КАКВА ТЕХНОЛОГИЈА Е ТОА (СМР)?

СМР-реакторите се „миноризирани“ нуклеарни централи, со капацитет најчесто ОД 10 мегавати поставени на камионски носач п понатаму поголеми стационирани со моќ меѓу 50 и 300 мегавати.

Нивната главна предност е тоа што можат фабрички да се произведуваат и модуларно да се инсталираат, што теоретски ги прави поевтини, побрзи и побезбедни од класичните нуклеарни централи. За држави како Македонија, кои немаат огромен електроенергетски систем, СМР- технологијата изгледа логично решение. Тоа не бара мегаломански инвестиции, може да се гради постепено, овозможува енергетска независност и произведува струја без јаглеродни емисии.

АМЕРИКАНСКИ ПРИСТАП: Технологија, политика и НАТО-безбедност

Американскиот пристап кон Македонија е пред сè геополитички. Според низа очигледни индикатори, Вашингтон сака да спречи понатамошно продирање на кинеското и руското влијание во т.н. критичната инфраструктура на Балканот. Затоа нуклеарната енергија станува дел од поширока безбедносна архитектура.

Во последните две години САД интензивно ги промовираат своите СМР-технологии во Источна Европа и на Балканот. (Македонија и Словенија веќе разговараат со американски и британски партнери за можни проекти.)

Американскиот модел најчесто се базира на компании како „Нускејл пауер“ (NuScale Power), „Хитачи нуклеар енерџи“ (GE Hitachi Nuclear Energy) или пак „Холтек интернешнл“ (Holtec International). САД вложуваат огромни федерални средства за забрзување на СМР-проектите.

Само во 2026 година американското Министерство за енергија одвои 94 милиони долари за развој на нови реактори, а најавени се и стотици милиони долари дополнителна поддршка. Но постои и проблем. Имено, американските СМР-технологии сè уште се главно во фаза на развој и лиценцирање. Ниту еден комерцијален американски СМР сè уште не работи во реални пазарни услови. Некои проекти дури беа откажани поради раст на цените.

КИНЕСКИ ПРИСТАП: Побрза реализација и подинамична финансиска стратегија

За разлика од Американците, Кина веќе има оперативни СМР-технологии. Кинескиот реактор ХТР-ПМ (HTR-PM) веќе произведува електрична енергија и претставува прв комерцијален мал модуларен реактор од новата генерација во светот. Пекинг има јасна стратегија, како што е брз извоз на технологија, државно субвенционирани кредити, инфраструктурни пакет договори и долгорочно политичко влијание.

Кинеските компании најчесто нудат пониска почетна цена, државно финансирање, изградба „клуч на рака“ и пократки рокови.

Во кинеските стратешки документи СМР-технологијата е дефинирана како национален приоритет. Кина веќе има искуство со динамичен инфраструктурен настап на Балканот, вклучувајќи ја и Македонија преку автопатските проекти. Токму тоа отвора голема дилема. Имено, дали финансиски прифатливата и брза кинеска понуда носи политички предизвик за Македонија, со оглед на стратегиските цели за евро и евроатлантско интегрирање, за што во Македонија, за последново, постои единствен политички долгорочен консензус.

Во новата нуклеарна ера на Балканот, Македонија повторно станува поле на голема геополитичка игра. Овој пат не околу гасоводи или автопатишта, туку околу реакторите на иднината.

И токму затоа прашањето не е дали малите нуклеарни централи ќе дојдат на Балканот. Прашањето е кој прв ќе го освои енергетското срце на регионот- ни велат соговорници од Институтот за стратегиски и безбедносни студии.

Македонија во моментов нема ниту законска рамка, а треба да гради и институционален капацитет за нуклеарна програма.

За второто, како што течат работите, човечките ресурси во Министерството за енергетика се покажаа како исклучително ефикасни и потентни. Но секој иден проект би барал нова регулација, регулатор, специјализирани кадри, меѓународен надзор и целосна политичка согласност.

– Според меѓународните препораки, држава што влегува во нуклеарна програма мора да подготвува институции со години пред почетокот на изградбата. Во реалноста, доколку Македонија би се решила да носи таков проект, би било неопходно да има силен странски партнер – велат соговорници на Нова Македонија, додавајќи дека на еден таков проект му прилега и атрибутот историски и визионерски, заради идните поколенија на македонскиот народ и македонската држава.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk