„ПРОТЕРАНИ ОД МАКЕДОНИЈА“ - Шокантна американска репортажа од 1925 година

Vecer | 24.11.2026

„ПРОТЕРАНИ ОД МАКЕДОНИЈА“ - Шокантна американска репортажа од 1925 година
Додај го Вечер како твој извор на Google (се отвора во нов таб)

Репортажата со наслов „Протерани од Македонија“, објавена во американскиот печат на 12 август 1925 година и денес достапна во дигиталната архива на Конгресната библиотека на САД, детално ги опишува методите со кои македонските семејства од селата во Грција биле принудувани да ги напуштат своите огништа за на нивно место да бидат населени грчки бегалци од Мала Азија.

Според сведочењето на американскиот известувач во периодот на големите преселби на населението на Балканот по Грчко-турската војна и Договорот од Лозана, грчките власти во македонските селски куќи сместувале бегалски семејства од Мала Азија или локални Грци, при што дотогашните сопственици биле ограничувани на една просторија во сопствениот дом со забрана да ја напуштаат по стемнување, додека селскиот командант му сугерирал на главата на семејството да замине во Солун и од Мешовитата комисија на Лигата на народите да побара дозвола за иселување.

Во текстот се наведува дека на селаните им било дозволено преку ден да ги обработуваат нивите, но жетвата на крајот ја прибирале новодојдените или локалните Грци, па кога условите за живот станувале неподносливи, особено за жените и децата, семејствата на сопствен трошок заминувале во Солун да побараат иселенички документи, кои веднаш им биле одобрувани. Американскиот новинар посочува дека ваквата практика не произлегувала од недостиг на слободна и плодна земја меѓу селата, туку од пресметката оти е полесно Македонците да се истераат од веќе изградените, опремени домови и обработените ниви со алат и добиток отколку да се подигаат нови населби, а написот е проследен и со фотографија на изнемоштена старица принудена да го напушти својот дом, при што околностите на размената на населението на Балканот се опишани како „дамка врз цивилизацијата“.

Само четири дена подоцна, на 16 август 1925 година, во американскиот печат била објавена уште една репортажа со наслов „Убиствата се користат како средство за забрзување на егзодусот на Македонците“, потпишана од Џ. Томас Б. Вуд, специјален дописник на „Бирмингем њуз“ и на редакцијата на „Чикаго дејли њуз“.

Во ова сведоштво Вуд документира убиства, насилство, затворања и притисоци врз македонското население со цел забрзување на присилното иселување од Македонија и Западна Тракија кон Бугарија, пренесувајќи го меѓу другото и потресното сведоштво на старец со над 100 години кој бил протеран од родното село во кое со генерации живееле и биле погребани неговите предци.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004- 2026. Vecer.mk