Откако ќе завршиме со деконтаминација на депонијата Вардариште, таму ќе бидат нанесени слоеви квалитетна земја на којашто ќе може подоцна да се издигне парк, рече градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, во гостување во емисијата „Утринско еспресо“ на Радио Лидер.
– Кога станува збор за Вардариште, постојано добивам позитивни препораки од граѓаните таму, но и прашања кога конечно ќе завршиме, затоа што, почнаа некако да веруваат во она што не веруваа многумина во предизборието, а тоа е дека Вардариште ќе се претвори во еден голем парк – рече Ѓорѓиевски.

Тој вели дека се постапува на повеќе жаришта кои се присутни повеќе од 30 години, со цел да бидат истретирани.
– Да ги исчистиме, да ги истретираме соодветно со физибилити студии, согласно закон, во соработка со Министерството за животна средина, со експерти за сето тоа и да не дозволиме понатаму повторно да се претворат во депонии. Ги претвораме во паркови или во некоја друга содржина којашто е корисна за граѓаните – додаде тој.
Ѓорѓиевски посочи дека само чистењето на депониите не е доволно за трајно решавање на проблемот.
– Не е доволно само да истретирате некоја депонија. Да бидеме искрени, ние немаме доволно инспекциски служби постојано да бидат на терен, кубуриме со човечки капацитети и затоа јас преминав во моделот да ги претворам во одредена содржина. Такво нешто направивме изминатиов период на повеќе од 50.000 квадрати во општина Бутел. Градоначалникот често пати го споделува тоа во јавноста. Таму се изборивме и против урбаната мафија којашто сакаше да го насели целиот простор со згради – рече тој.
Во однос на Вардариште, Ѓорѓиевски информираше дека процесот на одгасување е завршен, а посочи и дека во минатото оваа тема била користена и во предизборни кампањи, со најави за изградба на гасни централи и користење на метанот за затоплување на цело Скопје, иако како што вели, има незначителна количина.
– Тоа беа приказни коишто сакаа политички да ги искористат. Се покажа дека има незначителна количина на метан, што ни дава нас можност во моментов да влеземе во втора фаза, деконтаминација, чистење на целиот потег. Проектот се спрема, на почетокот на наредната година, јас ќе објавам како ќе изгледа целиот парк таму. Откако ќе завршиме со деконтаминација, таму ќе бидат нанесени слоеви квалитетна земја на којашто ќе може подоцна да се издигне тој парк. Ќе оставам простор и граѓаните да дадат идеи – рече градоначалникот Ѓорѓиевски.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата