Како што е ред, пред главната свеченост по повод 8-септември Ден на независноста на Македонија, државата подготви и објави промотивен видео спот во траење од три минути. Да ја потсети јавноста и да се афирмира државата. Не владата, не партијата – државата.
Во Америка, Шпанија или Италија на пример, ваков државен празник се бележи со знамиња на балконите и прозорите, се организираат локални приредби, или модерно хепенинзи, каде што се слави својот народ и својата држава без оглед чија влада во тој момент е на власт. Кога е роденден сите во куќата и комшилукот се заедно.
Но, СДСМ решава да биде – СДСМ. Секој државен празник, дали е Илинден или 8-ми септември од нив е скандализиран. Се што се организира е исплукано и изругано по социјални мрежи од нивните ботови и портпароли со соопштенија. Така е и сега.
Дека СДСМ и Независна Македонија не одат во иста реченица тоа е јасно, и така е веќе 35 години, завршно со насилната промена на уставното име и тајниот договор со Бугарија за што детали со Досие се вчера објавени во Вечер.мк
Што сега има да исплука СДСМ, во напад на еден видео спот од три минути?
Дека е прикажано знаме со 16 а не со 8 сончеви краци на спотот. Исплукано од СДСМ чија влада три пати згреши странски државни знамиња при посета на нивни делегации на државава. Зошто модератор во спотот е Игор Џамбазов, а не некој нивни соросоид... И толку околу тој нивни спин агресивно туркан по социјални мрежи како “доказ“ за неспособноста на владата.
А која е содржината на спотот? Па, тоа се три минути наменети за младата генерација. Како опис на успеси и убави моменти на самостојна Македонија на самите граѓани прикажани низ уметност, уметници, спорт, публика која слави спортски успеси... и по некој автопат... сето тоа со галерија млади ликови до средните триесетти, и ништо друго. Од уметниците посветено на граѓаните.
Ниту еден политичар, освен при прогласувањето на независноста, ниту една партија, нема премери и министри... Само уживање во уметност и спорт, со радост од тоа. Накусо, емотивно и со прецизно одбрани пораки за намената. Видете го спотот.
Но, кога бадијалџиите од СДСМ веќе немаат друга работа, немаат идеи, активности и план што да прават со себе треба да добијат и одговор за малтретирањето на јавноста по социјални мрежи поради својата лична дезориентација и мрачно секојдневие.
Кога во СДСМ не се задоволни од уметноста, спотот и младоста на Македонија во спотот, ние кои сме 50+ и ја памтиме независноста и без спотови, имаме право да прашаме – што треба да има во спот за независноста на Македонија за во СДСМ да бидат задоволни, а да бидеме задоволни и ние со 50+ кои паметиме многу од денот на независност до денес.
Прво, треба да има фактографија на најважните настани во овие 35 години кои народот и државата ги преживуваа и останаа на нозе: и државата и народот. Настани кои ја определија тогашната сегашност и оваа, денес, следувателна иднина.
- Да се стават ограбувањата на штедилници и банки под власт на СДСМ: Прво за ТАТ Штедилница Битола (1997 година, проневера на тогашни 120 милиона германски марки (75 милиони долари по тогашен курс) на штедачите од Соња Николовска прогласена од претседателот Киро Глигоров за менаџер на годината. Ограбени 16.000 штедачи. Околу 40 самоубиства на штедачи по загуба на се што имале.
- Да се стави видео документација за приватизацијата на македонската индустрија и економија 1993-1996 година и манипулации со акциите на работниците по што 180.000 работници останаа без работа, а над 5,5 милијарди долари се приватизираа за 300 милиони долари по план и распоред на СДСМ создавајќи своја олигархија и финансиско гласачка база за партијата која функционира до денес.
- Како и зошто Киро Глигоров го амнестираше Митхат Емини, генерален секретар на ПДП кој заедно со други во 1993-та формира паравоена вооружена формација во Македонија што е основање на подоцнежното УЧК/ОНА кое ни се појави во 2001.
- Како се смени името на државата Република Македонија во референца ФИРОМ во 1993. која, според Киро Глигоров, ќе беше во употреба само неколку месеци а ја имавме повеќе од 25 години, и на крај СДСМ насилно наметна Северна Македонија.
- Како и зошто, според документите на ЦИА, министерот на СДСМ Љубомир Фрчкоски во 1992 нудел на претседателот Киро Глигоров мито од 5 милиони кеш и 100 милиони долари на сметка за да се смени името на државата. Зошто Фрачкоски не е уапсен и суден поради кривично дело посредување во давање поткуп?
- Зошто нема истрага, според соодветен правен протокол, за атентатот врз претседателот Киро Глигоров на 3. октомври 1995 година како и истрага за однесувањето на полицијата и министерот за внатрешни Љубомир Фрчкоски поради несовесно однесување во службата што придонело до уништување на докази.
- Да се види зошто никој не одговарал за наведеното. Затоа што СДСМ, во еден ден, на 27 јуни 1996 година во Собранието смени 670 судии. Се потоа се последици од ова.
- Да има во видеото како во период 1992-1995 се вршел шверц на нафта, руди и цигари од наши функционери и нивни дилери со Србија под блокада, и како се добивани лиценци за фришопови преку кои е дополнуван шверцот и се переле парите во кеш.
И така натаму, и така натаму. Ова, и многу друго слично, се настани вредни само од првиот мандат на власт на СДСМ до 1998 година, битно за ретроспектива на независноста на државата која издржала покрај сето ова да продолжи понатаму.

- Треба да ги има изјавите на Бранко Црвенковски во воената 2001. кога ги повикува Македонците “да не се активираат на повикот за мобилизација и да ја бранат државата...“. Малку потоа со Фрчкоски СДСМ го спакува Рамковниот и капитулацијата.
А кога државата сепак продолжила понатаму битно е во видео ретроспективата за независност да се истакне како четири шефови од вкупно пет на СДСМ се вклучени во големи корупции. И никогаш за корупциите не се осудени.
Радмила Шекеринска, како вицепремиер, во коруптивниот скандал вреден тогашни над 3 милиони долари со набавки на лиценци од Мајкрософт. Во Романија министри за ист скандал завршија на суд. Во Македонија, нормално – не. Како и корупцијата со набавка на италијански хеликоптери од последниот нејзин мандат во одбрана.
Како Владо Бучковски, министер за одбрана во воената 2001-ва, беше обвинет за проневера на над 3,5 милиони долари за набавка на менувачи за тенкови. Делото е судено но, застари. За делото “Мито од Телеком“ за да нема втор мобилен оператор во мандатот на Бучковски се судеше и пресуди корупција во Америка. Кај нас не.
Да се стави во видео, и да се потсети јавноста што пропати независна Македонија, кога и трет шеф на СДСМ, Зоран Заев од својот претседател Бранко Црвенковски е аболициран за корупција на 8 милиони долари во скандалот Глобал. Аболициран е уште еднаш, во 2016-та од Ѓорѓи Иванов за корупција “евро за Вицето...“.
За корупција од 5 милиони долари со набавка на вакцини преку посредник во време на Ковид епидемијата Заев и четвртиот шеф на СДСМ Венко Филипче се сеќаваме и без видео ретроспектива. Како и за дејствијата и крајот на нивното СЈО.
Сето тоа се настани битни за јавноста и државата кои ги нема во видео ретроспективи за ден на независноста, за да се потсети јавноста кому независноста била бизнис.
А што е побитно за една независна држава од време кога државата станува покровител на мафијата и издава 200 фалсификувани пасоши на таа мафија за да делува скриено? Што е поголем удар врз држава и нејзината демократија и независност кога власт апси пратеници кои ги ослободува ако гласаат за нивниот бизнис проект – промена на името на државата во Северна Македонија.
Зошто барем ова, исклучително важно за државата и јавноста, го нема во видео ретроспективи за независноста на Македонија. Затоа што СДСМ е срам за нацијата, а видеото е трага за народ кој сам си создал своја мака, своја заблуда, и маката ја трпи и одржува таа некогаш партија а сега ГГ друштво - со децении. И се уште не знае зошто?
Затоа што се потребни многу повеќе од три минути видео клип. Потребни се серии од типот на БиБиСи како што се правени за судењето во Нирнберг, со ретроспектива.
Кога еден ден ќе ги имаме видео сериите за клучните настани од влијание за македонската независност СДСМ нема да тролаат како сега, затоа што нема да ги има.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата