Австрија, Чешка и Словачка упатија заеднички неофицијален документ (нон-пејпер) до Европската Унија, во кој директно ги посочуваат билатералните спорови, меѓу Бугарија и Македонија, како и оној меѓу Хрватска и Црна Гора, како главни пречки што неоправдано го кочат пристапниот процес на кандидатите за членство, пишува загрепски „Вечерњи лист“.
Трите земји од Славковскиот формат бараат итна промена на правилото на игра: билатералните кочења да се решаваат надвор од преговорите, а ЕУ постепено да ги интегрира кандидатите во своите програми уште пред полноправното членство.
Европската комисија го отвора патот за гласање со мнозинство
Овој троен дипломатски притисок се сопаѓа и со новиот стратегиски документ на Европската комисија („Подготовки за поширока Унија“), каде се предлага за одредени преговарачки чекори да се укине едногласноста и да се премине на одлучување со квалификувано мнозинство.
Покрај тоа, Брисел бара идните членки однапред да се обврзат дека нема да ги блокираат следните соседи поради историски прашања – модел што прв треба да се примени со Црна Гора.
Со ова, границата меѓу „добрососедските односи“ и „сопствените национални уцени“ веќе не е само локален спор, туку станува точка на сериозен конфликт меѓу земјите членки внатре во самата Унија.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата