„Во време на брзи геополитички промени, во свет кој рапидно се менува, повеќе од потребно е да ги разбереме овие промени и да најдеме начин да се прилагодиме на нив, затоа што безбедноста – наша и на сите граѓани на Алијансата е приоритет за одбраната“, рече заменикот министер за одбрана Адмир Шабани денеска на отворањето на третата меѓународна научна конференција „MILCON 26“, организирана од Воената академија.
Заменикот министер истакна дека со своето делување, вклучително и со организацијата на оваа конференција Воената академија „го следи глобалниот тренд и се позиционира како академски центар кој дава суштински придонес кон одбраната и безбедноста.“
Шабани порача дека бројката од 50 научни трудови кои успешно ја минаа двојната рецензија, како и учеството на претставници на академската заедница од Соединетите Американски Држави, Чешка, Турција, Хрватска, Романија, Полска, дел од соседните земји, но и подалечни земји како Јордан и Јужна Кореја, се импресивни и даваат можност за споделување на искуства и перспективи за предизвиците по безбедноста на глобално ниво.
Деканот на Воената академија, полковник проф. д-р Ненад Танески на отворањето порача дека Воената академија останува цврсто посветена на својата мисија да биде центар на военото образование, научноистражувачката работа и меѓународната академска соработка.
„Организирањето на MILCON’26 претставува уште една потврда на нашата заложба да создадеме простор за размена на идеи, искуства и научни достигнувања меѓу експерти, истражувачи и практичари од земјата и од странство Особено сме горди што конференцијата се реализира во рамките на Летниот кампус 2026, меѓународна платформа која низ годините прерасна во препознатлив симбол на соработка, пријателство и академска размена меѓу воени академии и високообразовни институции од повеќе држави“, рече деканот.
Конференцијата „MILCON 26“ е организирана во три паралелни научни панели, проследени со предавања, додека истовремено Академијата го спроведе и добро познатиот Летен кампус, кој се одржува по 15-ти пат, како и т.н. „Erasmus+ Staff Week 2026“, активност на која учествуваат наставници, истражувачи и административен кадар од партнерски високообразовни институции од Бугарија, Хрватска, Ерменија, Грузија и Јордан.
На конференцијата беше промовиран и Зборникот на трудови кои се несомнен придонес кон развојот на македонската одбранбена и безбедносна мисла.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата