logo
logo
logo

Што се смени за две години?

ДИПЛОМАТСКА ОФАНЗИВА СО ВИДЛИВИ РЕЗУЛТАТИ - Стратешки договори, европски фондови и нови меѓународни успеси

Vecer | 24.06.2026

ДИПЛОМАТСКА ОФАНЗИВА СО ВИДЛИВИ РЕЗУЛТАТИ - Стратешки договори, европски фондови и нови меѓународни успеси

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски денеска презентираше отчет за сработеното во изминатите две години, оценувајќи дека државата изградила поактивна, поотворена и поефикасна дипломатија.

Тој истакна дека надворешната политика останала фокусирана на партнерството со САД, усогласеноста со политиките на ЕУ и активното членство во НАТО. Во изминатите две години биле реализирани повеќе од 110 работни посети во странство и над 400 средби со странски претставници, додека земјава била домаќин на повеќе од 40 европски и светски лидери.

Во делот на евроинтеграциите, Муцунски потсети на потпишувањето на Партнерството за безбедност и одбрана со ЕУ и обезбедените 142,1 милиони евра преку Планот за раст за Западен Балкан, од кои 65,7 милиони евра се предфинансирање.

„Европската комисија неодамна стави на располагање 65,7 милиони евра преку Инструментот за реформи и раст, што претставува највисок износ во регионот. Со тоа вкупниот износ на средства ставени на располагање за нашата држава во рамки на Планот за раст достигна 142,1 милиони евра. Тоа не е симболика. Тоа е конкретна доверба преточена во конкретна поддршка“, истакна Муцунски.

Тој нагласи дека биле продлабочени односите со САД, како и со Обединетото Кралство, Унгарија, Хрватска и Обединетите Арапски Емирати. Како значајни успеси ги посочи и членството во Советот за човекови права на ОН, членството во ECOSOC, реизборот во Извршниот совет на OPCW и затворањето на постмониторинг-процедурата во Советот на Европа.

Муцунски порача дека надворешната политика треба да биде прашање на национално единство, со цел државата да биде почитувана, безбедна, економски поврзана и европски интегрирана.

„Можеме да се разликуваме во партиските погледи и да дебатираме за политики и пристапи. Но кога станува збор за достоинството, безбедноста и иднината на државата, мора да знаеме дека постојат прашања кои се поголеми од секоја влада и од секој политички циклус. Нашата задача е јасна: да градиме држава која е почитувана, безбедна, економски поврзана и европски интегрирана“, порача министерот Муцунски.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk