logo
logo
logo

Занаетчиите се против минимална плата од 600 евра

ВЛАДАТА НУДИ СВОЈА ФОРМУЛА за пресметување на покачувањето на платите во администрацијата

Vecer | 04.02.2026

ВЛАДАТА НУДИ СВОЈА ФОРМУЛА за пресметување на покачувањето на платите во администрацијата

- Владата има своја формула за пресметување на платите на вработените во администрацијата. Најголем дел од претставниците на синдикатите, и репрезентативните и од гранковите, се согласни со таа позиција на Владата, со неколку исклучоци. Формулата што ја нуди Владата во врска со тоа како ќе следи покачувањето на платите на административците етапно ќе значи повисоки примања за нив, а не само за онолку средства колку што ќе расте минималната плата. Тоа денеска го посочи премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на прашања на новинарите во врска со актуелните разговори за покачувањата на минималната плата и зголемувањето на платите за вработените во јавната администрација со синдикалните претставници.

Премиерот истакна дека на синдикатите им била понудена формула по која би се пресметувале личните доходи за вработените во администрацијата, притоа нагласувајќи дека Владата инсистира доколку биде договорена, тоа да биде конечна формула по која ќе се исплаќа платата на вработените во администрацијата.

Мицкоски истакна дека во разговорите дел од раководството на ССМ се повикува на општиот колективен договор што синдикатот го има потпишано со претходната влада, што иако е истечен, во преодните и завршните одредби стои дека тој е во функција се додека не биде потпишан нов колективен договор.

Тој појасни дека поради оставениот простор за различно толкување на начинот на утврдување на висината на платите во јавната администрација, може да резултира со проблеми во пресметувањето така што Владата заради тоа предлага унифициран образец спорред кој би се утврдувала висината на личните доходи.

-Доколку ја примениме оваа формула, тогаш при исплатата на лични доходи ќе се создаде какофонија бидејќи постојат неколку документи што ја дефинираат платата, кои можат да се толкуваат различно. Ние сакаме унифициран образец по кој ќе се исплаќаат платите за администрацијата. Еден од трите члена каде се дефинираат платите во општиот колективен договор да го суспендираме и во периодот додека важи овој договор што ќе го постигнеме да испреговараме нов општ колективен договор. Тоа е некаде три години. Јас ценам дека за три години ако се седне ќе се направи многу повеќе отколку нова верзија на општ колективен договор. Доволно сме зрели и одговорни и мислам дека е тоа сосема доволно време, рече Мицкоски.

За самата формула како би се вршело пресметувањето, појасни дека начинот што го предлага Владата на крајот ќе значи повисоки плати за вработените во администрацијата и различно од простото следење на покачувањето на минималецот.

Премиерот Мицкоски истакна дека кога зборувал за просечната плата од 31 илјади денари, зборувал за сума што во моментот била апликативна, за математички пресметката да биде полесна.

-Импровизирав со зголемување на минималните плати за 1500 денари три години последователно. Сега без оваа понуда на Владата, на платата на административните службеници се додава зголемувањето на минималната плата. Ако админитративен службеник добива плата од 35 илјади денари, а овогодинешното зголемување е 1500 денари, тогаш платата би била 36.500 денари. Моделот што ние го нудиме е тој збир на платата да биде зголемен за осум посто, тоа ќе даде дополнителни средства. Следната година во март да  препоставиме повторно зголемувањето на минималната плата да биде 1500 денари. Тоа ќе значи платата на админситративците да се зголеми повторно за осум проценти. Третата година, во март 2028 да претпоставиме дека повторно минималната плата ќе се зголеми за 1500 денари. Тие средства трет пат по ред зголемени за осум проценти се минимум 40 проценти од почетните 30 илјади денари, рече тој.

Претседателот на Владата на Република Македонија, Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на утрешната средба со УПОЗ и очекувањата од истата, изјави:

„Па очекувам да излезат од партиската прегратка тие неколкумина во раководството на Сојузот на синдикати и да се договорат со Владата во интерес на работниците, односно во интерес на административните службеници, бидејќи уште тие, како што многу пати кажав во минатото, уште тие 7.700-7.800 наши колеги немаат со Владата договорен Колективен договор, сите останати имаат. Така што со ова, Владата како работодавач ги заокружува односите до истекот на мандатот на оваа Влада, до 2028 година, со сите оние на чии што работодавач директен или индиректен е Владата.“

Синдикатите бараат итно зголемување на минималната плата на 600 евра и линеарен раст од сто евра за сите останати, додека Владата застапува модел на постепен раст. Формулата што ја предлага Владата предвидува кумулативно зголемување од околу 40 проценти до 2028 година, со годишни нивелации меѓу седум и осум проценти.

Ставот на синдикатот засега е дека дека таквата долгорочна проекција не ги задоволува потребите на работниците имајќи ја предвид инфлацијата, така што ССМ се заканува со Генерален штрајк доколку не се постигне итен договор во рамките на Економско-социјалниот совет.

Затворање голем број занаетчиски дуќани и отпуштање вработени ќе предизвика зголемувањето на минималната плата на бараните 600 евра, предупреди денеска Занаетчиската комора – Скопје.

Според Комората, минималната плата треба да се пресметува во согласност со законот. Ако се зголеми на 600 евра, тоа би значело голем удар поради драстичното покачување на трошоците за придонеси.

– Ние не сме против зголемувањето на минималната плата, но тоа треба да биде издржано, врз основа на добра анализа. Занаетчискиот сектор не може да го издржи ова темпо на континуирано зголемување на трошоците. Особено треба да се земе предвид состојбата на занаетчиите што работат во помалите градови и руралните средини, каде што постои голема миграција и значително помала потрошувачка на занаетчиски производи и услуги. За да опстанат и да ја зачуваат ликвидноста, занаетчиите ќе бидат принудени да ги зголемат цените, што дополнително ќе ја намали побарувачката и ќе доведе до затворање голем број занаетчиски бизниси – рече на прес-конференција претседателот на Занаетчиската комора – Скопје, Горан Ристовски.

Како што истакна Ристовски, зголемувањето на минималната плата на 600 евра директно ќе ги засегне занаетчиите што паушално плаќаат данок по решение од УЈП и занаетчиите што плаќаат данок по реално остварен приход.

Претседателот на Комората нагласи дека во Скопје има над 2.300 занаетчии, а на ниво на Македонија се речиси 8.000. Недостиг на работна сила има во сите сектори, но добро е – оцени Ристовски – што сè повеќе ученици се заинтересирани за дуално образование.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk