Премиерот Христијан Мицкоски побарал од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски жестоко да се одговори на секое згрпзување на мирот и безбедноста за да не се повтори, како што рече, дивеењето од вчера, кога припадници на ромската заедница со палење гуми, блокирање улици и закани протестираа поради одземени возила.
– Разговарав денеска утрoво со министерот за внатрешни работи и она што го побарав од него за секој оној кој што го прекршил законот, се заканувал, јавно упатил закана и го загрозил мирот и безбедноста на граѓаните, е жестоко да се одговори. И ќе биде одговорено жестоко за да не се повтори тоа дивеење од вчера – рече премиерот Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање.
Граѓани на социјалните мрежи денеска масовно изразија поддршка во спроведувањето на законите за безбеден сообраќај и на системот „Безбеден град“. Граѓани бараат државата да не попушта пред заканите на лица, за кои велат дека имаат пари за возила, но не и за полагање за возачка дозвола.
Групи граѓани од ромска националност вчера протестираа со палење гуми, отпад и дрва. Тие блокираа повеќе патишта низ земјата заканувајќи се дека ќе има тепачки и убиства бидејќи полицијата им ги одзема возилата поради тоа што возат без положен возачки испит.
Жители на неколку ромски населби обвинија за дискриминација, тврдејќи дека многумина од нив немаат завршено образование и затоа немаат услови да полагаат за возачка дозвола.
АМСМ соопшти дека од 11:30 часот започнат е најавен јавен собир на околу 150 лица од ромска националност поради измените на Законот на безбедност на сообраќајот на патиштата кај крстосницата за селото Ореовец на планинскиот превој Плетвар, на магистралниот пат А1 Прилеп- Градско. Патниот сообраќај е во прекин во двата правца. На блокадата има поставено возила, гуми и други предмети.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата