Основна работа на правосудниот систем е да обезбеди правна заштита и правна сигурност на своите граѓани. Сето тоа исклучиво во согласност со законите и извршувањето на пресуди или решенија на судовите и други институции.
На пресудата, и спроведувањето, не можат, и не смеат, да влијаат ничии емоции, предрасуди, а особено не ПР текстови по портали кои повикуваат на отфрлање на законот, вршат притисок врз судовите, во случајов врз Врховниот суд, туку инсистираат на судење според лични емоции и предрасуди на една од страните во судскиот процес.
Во јавноста преку неколку портали упорно се турка една ПР сторија за бракоразводна парница и, следователно, притисок врз постапка за доделување дете од околу пет години на примарна грижа кај еден од родителите. Од еден приватен процес се создава ријалити шоу за притисок врз судот.
Разводите се болна и трауматична тема, речиси секогаш пренапрегната со емоции и субјективни заклучоци, болен настан за двете страни а, особено, за децата кои по разводот се доделуваат примарно на грижа кај едниот родител. Одлука за тоа донесува судот во соработка со институциите за социјална грижа кои, понатаму, го следат спроведувањето на судската одлука.
Случајот на Невена Цветанова и притисокот врз Врховниот суд

Невена Цветанова (Спасеска) од Скопје во 2020 година во Охрид се венчала со Спасе Спасески од Охрид каде што заедно решиле да живеат, и живееле во издвоена зедница, свој стан во Охрид.
Двајцата се високо образувани, Спасе школуван на два врвни универзитети во Европа, потекнуваат и двајцата од добростоечки семејства со тоа што нејзиното семејство се занимава со маркетинг преку агенцијата Трамисо која има високи приходи и има деловни односи со некои портали и медиуми што се употребуваат во случајот на создавање ПР и притисок врз судовите, особено Врховниот суд во интерес на ќерката Невена во фаза на судските процеси.
Но, како почнува приказната пред да видиме како завршува?
По две години брак, во 2022 година, без битни несогласувања или проблеми, се случува настан од кој секој човек би се шокирал и видел местенка со план. На почетокот на октомври 2022 година Невена и Спасе, заедно со малиот син, се во посета на нејзиното семејство во Скопје. По посетата, на враќање кон Охрид, прават пауза и седнуваат во хотелот Александар Палас.
Во еден момент Невена го менува планот, и му предлага на Спасе да продолжи сам со синот за Охрид, таа ќе останела во Скопје да завршела некоја лична работа па за ден-два ќе замине за Охрид. Се согласуваат, во нормална и мирна атмосфера без никаква претпоставка на Спасе што може да очекува понатаму.
Двесетина минута подоцна, патувајќи од Скопје за Охрид, на првата наплатна рампа полиција го запира Спасе Спасески под образложение дека има пријава за КИДНАПИРАЊЕ НА ДЕТЕТО, синот кој е со него во автомобилот. Пријавата е од неговата сопруга Невена со која, дваесетина минути претходно, седеле заедно!
Спасе, заедно со синот, е приведен и однесен во полициска станица Пролет. Во полициската станица се веќе стасани од Центарот за социјални гриѓи (ЦСР), адвокат на неговата сопруга Невена Цветанова и обвинител. Несомнено, Невена Цветанова и пред да тргне со сопругот и детето за Охрид плански претходно договорила настан за одземање на детето и претходно поднела кривични пријави за “киднапирање“ на детето и за “психичко семејно насилство“ и го довела Спасе пред свршен чин со класична местенка. Во полициската станица на Спасе му е одземен синот и даден на мајката.
Местенката очигледно е подолго и колективно планирана. Пријавата за “киднапирање“ е поднесена во Скопје, за да се создадат услови во Скопје да му се земе детето на таткото. Се организирало Спасе со детето од Охрод да дојде во Скопје затоа што и двајцата родители живеат во Охрид, бракот е склучен во Охрид и доколку пријавата би била за настан во Охрид скопската социјална служба и судовите од Скопје не би биле надлежни за времено одземање на дете по “киднапирањето“.
Спасе е намамен да дојде во Скопје, во атмосфера без никакви најави, и пријавен без причина. Пријавата на Невена за таткото Спасе дека го “киднапирал“ детето –потоа е отфрлена. Отфрлена е и нејзината пријава за “психичко семејно насилство“ што се употребува во ПР настапите на Невена и тие пар портали како факт, без да се наведе дека пријавите и се отфрлени како неосновани.
Откако станува јасно што се случило и случува, Спасе Спасески поднесува Тужба за развод во Основен Суд Охрид на 11.11.2022 година.
Во презентацијата на процесот ќе се држиме само до фактите, без емоции и предрасуди, без притисок врз било кој суд или судија за нивните одлуки, и без навлегување во приватноста или интересите на било која од двете страни.
По низа обиди од адвокатите на Невена Цветанова за оспорување надлежност на судот во Охрид, битолскиот апелациски суд на 14.03.2023 решава дека надлежен за судењето е судот во Охрид.
Разводот е завршен со пресуда на Основен суд Охрид по што почнува судски процес за утврдување доверување на детето како примарен родител кај кого детето претежно престојува, а во случајов пресудата е – синот е доделен на грижа и чување кај таткото.
Но, адвокатите на Невена почнуваат постапка и пред Врховниот суд Скопје околу надлежностите за доделување на детето со Предлог за доверување на постапување на друг надлежен суд по предмет од 19.08.2024 доставен до ВРХОВЕН СУД.
Со Решение на ВРХОВЕН СУД од 12.09.2024 година се ОДБИВА ПРЕДЛОГОТ од адвокатот на Невена и се враќа предметот на одлучување на Судот во Охрид
Основен Суд Охрид на 08.11.2024 година пресудува дека детето се доверува на чување на таткото. Тоа е потврдено и од Апелацискиот суд во Битола. Правниот процес со тоа е завршен.
Судот пресудил, потоа почнува битка со емоции и предрасуди

По правосилност судската пресуда таа треба да се изврши, а во тоа извршување учествува судот, полицијата и надлежните социјални работници (ЦСР). Но, до ден денес извршувањето не е исполнето, и законската обврска не е спроведена.
Четири месеци мајката Невена не дозволува таткото да го види своето дете а ни да се спроведе судската одлука за грижа за детето. Едноставно, Невена ја заклучува вратата, не дозволува влез на таткото, на полиција, на социјалниот работник... Не одговара на телефонските повици. Државата не може да ги изврши судските одлуки и да го заштити детето од самоволие на мајката.
Детето е доведено во ситуација четири месеци да нема контакт со таткото само затоа што - мајката така решила, да го остави без татко и средби со него. Да се чува детето во виртелани изолација.
Патем, преку портали да шири приказна за себе како “жртва“ на системот и бара поддршка од порталите да го напаѓаат судот и да спречат спроведување судски пресуди.
Таа гради поддршка за тоа од неколку портали и еден настап на ТВ Телма за кој од адвокат Мери Младеновска од Скопје на 08.05.2025 година е поднесена опомена пред тужба и до ТВ Телма и до порталите а1он.мк и мкд.мк дека вршат незаконско дело според член 224 во врска со член 222 од Законот за семејство кое не дозволува јавност во брачните спорови, особено судења во врска со малолетни деца.. и нагласува “Со повреда на наведените одредби грубо извртувајќи ги фактите поддржувате поткопување на принципот на владеење на правото...“
Центарот за социјална работа Скопје, надлежен за спроведување на одлуката од судот на ден 14.04.2025 година поднесува Кривична пријава против Невена Ц. за бесправно одземање на малолетно дете, според член 198 од КЗ.
Полицијата, односно СВР Скопје, исто така до обвинителството поднесува кривични пријави за одземање малолетно дете по истиот основ. Досега, ништо од наведеното не е спроведено. Судот не ги спроведува сопствените одлуки со што се нарушува и правната сигурност.
Закажани се рочишта за извршување на судската Пресуда за доделување на детето. Првото рочиште било на 05.05.2025, откажано е затоа што мајката Невена не дошла. Следното на 30.05 повторно е откажано, затоа што поднела тужба за измена на одлука за доверување и тоа го смета за основ за недоаѓање. Закажано е трето рочиште за извршување на судската Пресуда за 17.06.2025 година.
Бракоразводни парници во Македонија има секој ден, а добар дел до разводите завршуваат со одлука на судот кому да се додели малолетно дете за постојана грижа. И досега, колку што ни е нам познато, тие судски одлуки се извршувале непречено, освен оваа.
Оваа одлука е јавно употребувана со субјективен мотив и причина, моќ на маркетинг агенција на мајката од Невена од соработката со некои портали за таа цел. И, едно бракоразводно судење станува јавно ријалити шоу кој процес, откако е загубен по судски пат, сега треба според нив да се поништи, и да судат читатели на портали без увид во фактите. По интуиција. Да се суди според лајкови по Фејсбук, а не според законот.
Особено тој притисок со бегање од фактите и законот, а поттикнување на емоции и предрасуди без да се презентираат фактите, е засилен сега за да се врши притисок врз Врховниот суд од кој Невена бара ревизија на процесот. Во Македонија годишно се случуваат над 2.000 разводи и не се памти кога Врховен суд поништил пресуда за развод и додлеување дете потврдена од два суда.
По овој предмет Решавале три суда (Основен Охрид, Апелација Битола и Врховен за надлежност), рашавале два центри за социјална работа, против Невена Ц. има кривични пријави за незаконско одземање на дете од социјални работници и од полицијата што укажува на склоност за манипулација во процесот, а држењето на детето во заложништво со кое четири месеци не се видело со таткото по што следат кривичните пријави од ЦРР и Полицијата е дополнителна отежителна околност.
По кој основ Врховниот суд треба сета ова да го игнорира, и да суди според психичката состојба на Невена Ц.. Секој што загубил на суд е во лоша психичка состојба, а детето колку припаѓа на мајката толку припаѓа и на таткото, одвојувањето на било кое дете од било кој од родителите е траума за сите тројца, подеднакво. Целта е траумата да намали, а забрза амбиент за нормален развој на детето.
Законот и судската одлука мора да се спроведат заради сите нас и тоа е над се, и над секој од нас. “Избраните“ портали на маркетинг агенцијата кои бараат неспроведување на законот во интерес на Невена подриваат правен систем, денес за овој случај, утре секој од нас може да е следна жртва на подриен правен систем и да изигрува извршување судски одлуки. Дали истите портали ќе го бранат тој интерес во некој друг случај? Зависи од маркетинг агенцијата.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата