logo
logo
logo

Јапонија продолжува со поддршка: нова медицинска опрема и противпожарно возило за Македонија

Vecer | 03.02.2026

Јапонија продолжува со поддршка: нова медицинска опрема и противпожарно возило за Македонија

Во Амбасадата на Јапонија денеска беа потпишани два нови договори за грант во рамките на ГГП-програмата за мали проекти за човекова безбедност, со вкупна вредност од 81.956 евра. Грантовите се наменети за Универзитетската клиника за ендокринологија – Скопје и за Општина Свети Николе.

Амбасадорката на Јапонија, Сецуко Кавахара, истакна дека проектите претставуваат продолжување на долгогодишната соработка меѓу двете земји и придонесуваат за зајакнување на основните системи за здравствена и јавна безбедност.

Со денешната церемонија сакаме да ја покажеме подготвеноста за понатамошно зајакнување на пријателството меѓу Јапонија и Македонија и нашата континуирана поддршка за реформските процеси. Преку ГГП програмата од 1996 година досега поддржавме 190 проекти во здравството, образованието и животната средина, рече Кавахара.

Првиот грант е наменет за набавка на нов ултразвучен систем за Клиниката за ендокринологија. Директорот на клиниката, д-р Ирфан Ахмети, нагласи дека новата медицинска опрема ќе придонесе за подобрување на дијагностиката и третманот на пациентите.

Новата технологија ќе овозможи побрза и попрецизна дијагностика, подобро следење на ендокринолошките заболувања и поефикасно прилагодување на терапијата. Клиниката годишно згрижува над 15.000 пациенти, а овој апарат значително ќе ги подобри условите за работа, изјави Ахмети.

Вториот грант се однесува на Општина Свети Николе, за потребите на локалната Територијална противпожарна единица. Градоначалникот на општината, Дејан Владев, ја истакна важноста на донацијата за јавната безбедност.

Донацијата на теренско противпожарно возило е значаен придонес во унапредувањето на безбедноста и заштитата на граѓаните. Ова возило особено ќе ја зголеми ефикасноста на нашата служба во руралните и тешко пристапни подрачја. Станува збор за поддршка која директно значи спасување животи и материјални добра. Општина Свети Николе високо ја цени соработката со Јапонија, изјави Владев.

Тој додаде дека пожарникарите во општината често работат во сложени услови и дека новото возило значително ќе ја подигне нивната подготвеност и оперативност.

Амбасадорката Кавахара изрази очекување дека двата проекти успешно ќе се реализираат и ќе придонесат за подобрување на условите за живот во локалните заедници.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk