Партиски конгрес во сабота –
Премиерот Мицкоски најави дека на партискиот конгрес во сабота, што ќе се одржи во Кавадарци, ќе биде усвоен конгресен документ „Стратегија – Македонија 2030“. Рече дека документот ја содржи визијата за тоа како ВМРО-ДПМНЕ ја гледа Македонија и кои се столбовите на кои ќе ја темелат нивната политика. Ќе биде разгледан и усвоен и извештајот за финансиско работење на партијата, која нагласува Мицкоски, прв пат, како политичка партија нема долгови.
Премиерот рече дека ја разгледува и опцијата да нема потпретседатели на партијата. Посочи дека во минатото имало и такви моменти и дека тоа може да се толкува и дека со оглед на најавата дека ова ќе биде негова последна кандидатура за претседателската функција во партијата, со отсуството на потпретседатели ќе нема и фаворизација за негов наследник.
На Конгресот ќе биде избран претседател на партијата, досега има само еден кандидат, а потоа ќе следува и избор на претседателот и членови на статутарната комисија. Ова е 18. Конгрес на ВМРО-ДПМНЕ, кој се одржува под слоганот „Визија што гради држава, за генерација што доаѓа“. Претседателот на партијата вели дека овој конгрес ќе биде најмасовен досега, со преку 850 делегати и преку 1 700 гости. На конгресот, обраќања ќе имаат и претставници од сестрински партии.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата