Над три до четири иљади претежно млади во Македонија заработуваат преку интернет како автори на текстови, фотографии или дизајн за странски портали, публикации и маркетинг агенции и тоа им се основни средства за егзистенција со години. Сега се случува најава на криза за нив.
Пишување или преводи на текст, транскрипција на аудио, внесување податоци, едноставни преводи, пишување кратки описи и основна обработка на фотографии со години беа меѓу најдостапните начини за заработка преку интернет. Вештачката интелигенција сега брзо го менува токму овој дел од пазарот, а тоа е особено важно за Македонија, каде голем број луѓе со години заработуваат преку онлајн платформи и работа за странски клиенти.
Според регионалните податоци на Гигметар, Македонија е меѓу земјите со најголем број онлајн фриленсери во однос на населението. Во едно од последните мерења земјата имала околу 239 онлајн работници на 100.000 жители, повеќе од Србија, Албанија и Црна Гора. Токму затоа промените што сега се случуваат на глобалниот пазар можат директно да засегнат значителен број луѓе и кај нас.
Денешните алатки можат за неколку секунди да претворат аудиоснимка во текст, да преведат документ, да издвојат информации од табела или да создадат прва верзија на текст, фотографија и видео. Дел од задачите кои порано се нудеа како посебна услуга постепено се претвораат во функција во некоја програма. Работникот сè почесто е потребен за да го провери резултатот, да ја поправи грешката или да ја организира целата работа.

Најновите податоци на Апворк добро ја покажуваат промената. Кај едноставните задачи што се извршуваат со помош на ВИ (Вештачка интелигенција), вкупната заработка во 2026 година се намалила за 28 проценти. Кај посложените професионални услуги што користат ВИ, обемот на работа пораснал за 72 проценти, а заработката за 22 проценти. Фриленсерите кои работат на посложени задачи со ВИ забележале раст на заработката од 45 проценти.
Пазарот со тоа почнува да бара поинаков тип работник. Наместо човек кој само ќе препише интервју, клиентот може да бара некој што ќе го среди автоматскиот транскрипт, ќе ги извлече најважните делови и ќе подготви содржина за објавување. Наместо едноставен преведувач, сè повреден станува човекот кој може да провери автоматски превод, да го приспособи на конкретна публика и правилно да ја користи стручната терминологија.
Истата промена се гледа и кај новите вештини што ги бараат компаниите. Во текот на 2025 година побарувачката на Апворк за вештини во кои директно се споменува ВИ пораснала за 109 проценти. ВИ генерирањето и обработката на видео пораснале за 329 проценти, интеграцијата на ВИ за 178 проценти, а означувањето и подготовката на податоци за ВИ за 154 проценти.
Се создава и нов вид работа во кој човекот ја проверува и поправa содржината што ја направила ВИ. Бројот на вакви огласи на Апворк пораснал за 70 проценти за една година. Во програмирањето тие се зголемиле повеќе од осум пати од 2023 година, а кај дизајнот и креативните услуги речиси осум пати.
Паралелно со тоа се појавуваат и нови специјализации како ВИ интегратор, специјалист за автоматизација, ВИ видеокреатор, уредник на содржина создадена со ВИ и проверувач на резултати добиени од ВИ. Побарувачката за ВИ апликации и интеграции во јуни годинава била 33 проценти поголема од една година претходно, што покажува дека компаниите веќе бараат луѓе кои ќе ја вградат технологијата во секојдневното работење.
За Македонија ваквата промена е уште поважна бидејќи домашниот дигитален сектор веќе носи значителни приходи од странство. ИКТ секторот во 2025 година остварил 1,77 милијарди евра приходи и 676 милиони евра извоз, а во споредба со 2020 година извозот е зголемен за 193 проценти.

Во исто време Гигметар регистрира намалување на бројот на македонски онлајн работници, а кај пишувањето и преводот падот достигнал 16,9 проценти. Овој податок може да има повеќе причини, но е значаен затоа што токму пишувањето, преводот и сличните едноставни услуги се меѓу областите во кои ВИ најбрзо презема дел од работата.
За почетниците ова може да биде најголемата промена. Пред неколку години беше можно онлајн кариерата да започне со препишување, внесување податоци или едноставен превод. Денес токму тие работи сè полесно ги извршува софтверот. Новата почетна точка сè повеќе бара комбинација од конкретна професионална вештина и способност за работа со ВИ.
Онлајн работата влегува во нов период. Едноставните задачи постепено исчезнуваат како посебни услуги, а на нивно место се создаваат нови и поспецифични професии. За Македонија, каде илјадници луѓе веќе се дел од глобалниот пазар на онлајн труд, прашањето станува многу конкретно. Кои вештини ќе вредат во следните години и колку брзо домашните фриленсери ќе успеат да се приспособат на новиот начин на работа?
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата