Македонија ја очекуваат уште неколку дена екстремна горештина, со температури што ќе достигнат до 45°C, што ќе биде најтоплата точка на летото. Временската промена ќе настапи по викендот, со дождови и значително заладување.
Од среда, 23 јули, до недела, 27 јули, се најавува стабилно, суво и исклучително жешко време.
Утринските температури ќе се движат околу 20°C, додека дневните максимални ќе растат од 41°C во среда, 43°C во четврток, до рекордни 45°C во петок, 25 јули. Високите температури ќе продолжат и за време на викендот, кога во сабота ќе се измери 44°C, а во недела малку поподносливи 41°C.
Промената ќе настапи во понеделник, 28 јули, кога се очекуваат локални врнежи и опаѓање на дневната температура до 35°C.
Во вторник, 29 јули, дождовите ќе продолжат, а максималната температура ќе падне на 28°C, што ќе биде првпат по долго време под 30 степени.
Граѓаните се советуваат да внимаваат на здравјето, да избегнуваат престој на сонце во најжешките часови и да внесуваат доволно течности, особено до крајот на неделата кога топлотниот бран ќе биде најинтензивен.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата