logo
logo
logo

„Нападите во странство мора да прекинат“ - МАКЕДОНИЈА СО 22 ДРЖАВИ ИСПРАТИ ПОРАКА ДО ИРАН

Vecer | 11.06.2026

 „Нападите во странство мора да прекинат“ - МАКЕДОНИЈА СО 22 ДРЖАВИ ИСПРАТИ ПОРАКА ДО ИРАН

Македонија се приклучи на група од 22 држави кои упатија заедничка и остра порака до Иран, барајќи итен прекин на нападите врз поединци и организации на нивна територија.

Во заедничката изјава објавена на 10 јуни, земјите потписнички ги обвинија иранските разузнавачки служби дека користат меѓународни криминални групи за извршување атентати, киднапирања и активности за заплашување во повеќе земји.

Според документот, ваквите активности биле насочени кон поединци и групи во Европа, Северна Америка и во Австралија. Потписниците оценуваат дека таквите дејствија претставуваат закана за националниот суверенитет и за меѓународните норми.

„Овие акции мора веднаш да престанат“

„Односот помеѓу иранските безбедносни служби и меѓународните и локалните криминални групи е долгогодишен. Нивното користење на овие групи е за жалење“, се наведува во заедничката изјава.

Во документот се осудува и неодамнешниот бран напади во Европа насочени кон еврејски заедници, ирански новинари и интереси на САД. Потписниците наведуваат дека одговорност за дел од тие акции презела групата „Харакат Ашаб ал-Јамин ал-Исламија“, за која тврдат дека дејствува преку посредници поддржани од Иран.

„Обидите за убиство, киднапирање, вознемирување, заплашување или какви било други напади врз луѓе на наша почва го поткопуваат националниот суверенитет и меѓународните норми. Овие акции мора веднаш да престанат“, се додава во соопштението.

Австралија ги прекина односите со Иран

Дополнителна тежина на спорот му даде одлуката на Австралија целосно да ги прекине дипломатските односи со Иран. Канбера го протера иранскиот амбасадор и ја затвори својата амбасада во Техеран.

Австралиските власти ваквиот потег го поврзаа со обвинувањата дека иранските власти директно координирале напади врз синагога во Мелбурн и врз кошер-кафуле во Сиднеј.

Потписница на изјавата се Албанија, Австралија, Белгија, Велика Британија, Бугарија, Канада, Чешка, Данска, Естонија, Франција, Финска, Германија, Ирска, Латвија, Литванија, Холандија, Нов Зеланд, Норвешка, Португалија, Шведска и САД.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk