logo
logo
logo

Вечер Тема

Стан во Скопје 3.500 евра квадрат! ВРЕМЕ Е ДРЖАВАТА ТЕМЕЛНО ДА СЕ ЗАФАТИ СО ГРАДЕЖНАТА МАФИЈА

Vecer | 31.07.2026

Стан во Скопје 3.500 евра квадрат! ВРЕМЕ Е ДРЖАВАТА ТЕМЕЛНО ДА СЕ ЗАФАТИ СО ГРАДЕЖНАТА МАФИЈА

Ни најстручните финансиски и градежни експерти не можат да објаснат како и зошто цените на станови, особено во Скопје, се толку високи. Општата формула дека е тоа поради големата побарувачка во случајов не ја оправдува цената. Огромен број од купените станови не се воопшто вселени! Дали купувачите имаат легално потекло на парите и дали продавачите имаат скрен профит?

Скопје не е ниту туристичка локација, ниту моќен економско-бизнис центар, цените за проектантите се најниски во поширокиот регион, се манипулира со паркинг места, градежните материјали се под просек... Ниту по било кој друг економски основ нема оправдување дека цената на квадрат стан во Скопје е три пати поголема од становите во Битола, Прилеп, Штип или од становите во блиската околина на Скопје. Или се купува од украдени пари за кои не се дава потекло, или продавачот има коруптивни трошоци кои ги вградува во цената а од заработката “купува“ заштита пред законот.

Цените на станови во Скопје се повисоки од цените на компатибилни, споредливи станови во Солун. Споредба, стан во Каламарија - Солун, со повисок квалитет на вгардени материјали од нашите, општина споредлива со скопски Карпош и Центар становите се од 2-3.000 евра квадрат со поглед на море или во негова близина, во град кој е бизнис и финансиски центар од регионален формат и плати за градежните работници како и за купувачите три пати поголеми од македонските.

Упатен градежник или архитект ќе ви каже дека градежна цена на добар стан во Скопје е околу 1.200 евра. Продажна цена на нов стан е 2.800-3.500 евра! Каде е разликата во цената, дали градежникот плаќа данок на таа голема заработка? Дали во огромната заработка има корупција и перење пари?

Според податоците од Државниот завод за статистика од Пописот 2021 година, во Скопје има околу 59.300 ненаселени (празни) станови, што претставува приближно 27,7% од вкупниот број на станови во градот. Само во Општина Центар има 10.865 ненаселени станови. 

Логиката дека се купува стан за да се инвестира во сигурна вредност значи дека државата стимулира затворање на капиталот наместо да стимулира негово инвестирање во бизнис што отвара нови работни места и капиталот се оплодува. Во развиените држави стан купен, а празен, се оданочува повеќе од данокот на добивка за фирмите. Тоа е стимулација за инвестирање. 

Вака, купувањето стан кој е невселен, ниту е даден под кирија за еконосмки профит, е најкусиот пат до перење пари и даночно затајување. Рентирањето на станот подразбира данок од рентата и тоа е начинот како мртвиот капитал се претвора во ефективен. Празен стан кој не е ниту за живеење ниту за рентирање односно наменет за економски цели - е луксуз. А луксуз се даночи посебно.

Ако 60.000 невселени ниту рентирани станови во Скопје се оданочат со 10% од вредноста како луксуз (екстра профит), што е стапка која ја плаќаат фирмите на неискористен мртов капитал (неискористени пари на сметка) по завршна сметка, за просечен стан од 60 метри квадратни со најниска скопска пазарна цена од 1.600 евра за квадрат тоа е данок од над 570 милиони евра. 

Накусо, речиси милијарда евра за данок во Македонија се “скриени“ во мртов капитал со кој се богатат легални и нелегални градежници а страдаат сите граѓани со плаќање се повисоки цени за купени станови и се поголеми кирии ако рентираат стан или деловен простор. 

Циглата и бетонот во Скопје се 300% поскапи од истите во Пeтровец или Кочани

Во вториот квартал годинава најголемата постигната цена на стан продаден од инвеститор по метар квадратен изнесува 206.640 денари (3.360 евра за квадрат) односно за 50 метри квадратни стран во Скопје Центар платени се 168.000 евра, покажува денеска објавениот Извештај од Регистарот на цени и закупнини за периодот април – јуни годинава.

Од продажбите на стари станови, најголемата постигната цена по метар квадратен е во Охрид и изнесува 197.408 денари (3.200 евра квадрат) или за 66 метри квадратни платени се 211.200 евра.

Во периодот од 1 април до 30 јуни годинава во Регистарот на цени и закупнини се регистрирани 8.369 трансакции (збир од купопродажби и закупи) и споредбено со првиот квартал се бележи раст од 7,9 проценти што укажува на зголемена пазарна активност.

Вкупната остварена финансиска вредност на пазарот на недвижности за вториот квартал годинава изнесува 351,7 милиони евра, што е раст од 27,3 проценти во споредба со претходниот квартал.

Споредено со првиот квартал од годинава, бројот на продадени станови во вториот кавртал е зголемен за 37 проценти, а нивната вкупна финансиска вредност е зголемена за 43 проценти. Бројот на продадени куќи во овој квартал е зголемен за 13 проценти, а финансиската вредност е зголемена за 22 проценти, во однос на првиот квартал од 2026 година.

Најголем број продадени станови евидентирани во Регистарот на цени и закупнини во овој квартал има во Општина Аеродром, 297 станови. Најмногу купопродажби на деловен простор има на територијата на Општина Центар каде што се продадени 33 деловни простори.

Дали се ова нормални и пазарни цени за станови во економски и социјален амбиент на Македонија? Не! Дали е цената производ на понуда - побарувачка - не! Тоа е производ на легализација на корупција од страна на инвеститорите и даночни законски дупки кои се користат за одбегнување данок на луксуз (празен стан е луксуз) како и од купувачите и, особено корупција од градежниците. 

Минатата влада на ВМРО ДПМНЕ во 2010-та година донесе одлука данокот (ДДВ) за нов изграден и купен (продаден) стан да се намали од 18% на 5% за да се запре неоснованото покачување на цената за нови станови. На стан од 100.000 евра тоа се 13.000 евра разлика. Дали градежниците ги намалија цените за 13% - не. Разликата од поголемиот до помал данок остана на нивна сметка, го изиграа планот и јавниот интерес на владата и ги присвоија парите од купувачите за себе.

Нужна е темелна и детална контрола на власта во градежниот сектор. Од луѓето кои продаваат плац за градба, до општинските органи кои издаваат дозволи и кројат ДУП-ови и локални функционери со новоосновани проектантски и градежни фирми на свои од фамилијата кои работат за инвеститорите на кои општините им даваат одобренија... а најмногу во финансиите на градежниците и нивната заработка особено во делот на потекло на парите и набавка на метеријали и плаќање даноци од профитот. Во спротивно се легализира “градежна мафија“.

Еден детал: Ако сопственик на градежна парцела истата ја продаде како таква за неа се плаќа данок, ако се појави како коинвеститор со градежникот - данокот е помал или го нема! 

Во Германија, на пример, сопствениците на празните станови, невселени и не рентирани над година дена, плаќаат високи даноци, секоја следна година празен стан значи и дополнителен данок.

Во Германија, како и во Данска, државата (општината) ги задолжува сопствениците на станови кои со години не се вселени ниту рентирани да го предадат станот на рентирање на општината по однапред утврдени цени а потоа општината го издава на корисник за рента со што се намалуваат кириите за оние кои немаат станови, а се сузбива можноста за мртов капитал заробен во празни станови и вештачка побарувачка да гради, генерира, висока цена за квадрат.

Нема друго. Вака треба јавно да признаеме, сите до еден, од политичар до студент, дека сме недоветни па прифаќаме дека градежна цена на квадрат во Петровец или Кочани, стан по квалитет равен или подобар од Скопје е 1.100 до 1.500 евра а во Скопје е 3.500 евра! Ист бетон, иста цигла, ист паркет, иста цена за прокетот, иста држава... три пати поголема цена која не е резултат на поскапа локација туку - на корупција и скриени даноци. А во тој случај државата треба да ја заврши својата задача. 

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk