До истекот на мерката куќен притвор против Артан Груби остануваат уште две недели, ВРЕДИ го обвинува Обвинителството дека ја води истрагата со бавно темпо и дека тоа покренува сомнежи.
„Артан Груби не е било каков поранешен функционер. Тој е црната кутија на ДУИ. Тој знае кој ги влечел конците, кој ги делел зделките и во чии џебови завршувале парите од коцкањето. Затоа, Али Ахмети има причина да спие со едното око отворено. За да се отстрани срамот на Али Ахмети и да ѝ се даде на јавноста јасна слика, ВРЕДИ бара од Обвинителството да не си игра со правдата во тајност, туку да излезе и да покаже зошто сè уште нема обвинение во случајот „Лотарија“, каде што процедурите се заглавени и што направило по наодите на американските власти., бараат од ВРЕДИ.
ДУИ, од друга страна, ги опишува обвинувањата на ВРЕДИ како скандалозен притисок врз правдата. Партијата на Ахмети вели дека таа коалиција се обидува да ја камуфлира својата неспособност и целосен неуспех со политички прогон и притисок врз обвинителството.
Во меѓувреме, шест месеци по предавањето, Јавното обвинителство сè уште не успеа да го докаже кривичното дело за кое е осомничен поранешниот вицепремиер, Артан Груби. Досега, сè што е кажано во јавноста е најавата дека Груби и неговата адвокатска одбрана се запознаваат со доказите во истражната постапка.По повеќе од година и пол по кривичната пријава, обвинителството не успева да ја преточи во обвинение или да го отфрли сомневањето.
Во декември 2024 година Груби избега од земјата, објавувајќи на 15 декември дека е во приватна посета и дека ќе се врати штом ќе ги заврши своите должности. Тој им се предаде на властите на граничниот премин Блаца 14 месеци подоцна, на 23 февруари оваа година.
Заедно со Груби, поранешниот директор Перпарим Бајрами, кој е сè уште во бегство, и неколку други лица се исто така осомничени за злоупотреба на Државната лотарија. Штетата, според Обвинителството, е над 8 милиони евра, додека делото носи затворска казна од најмалку 4 години.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата