logo
logo
logo

НАД ПЕТ МИЛИОНИ ЕВРА ПО ПРОЕКТ ЗА ЈАВНИ ИНВЕСТИЦИИ - Владата ја скрои листата, 41 проект доби зелено светло

Vecer | 10.08.2026

НАД ПЕТ МИЛИОНИ ЕВРА ПО ПРОЕКТ ЗА ЈАВНИ ИНВЕСТИЦИИ - Владата ја скрои листата, 41 проект доби зелено светло

Над 5 милиони евра ќе изнесува вредноста на проектите што се најдоа на првата конечна приоритетна листа за јавни инвестиции, која ја усвои Владата. Вкупно 41 предлог-проект доби зелено светло, откако претходно беа проверени од институциите и оценети според повеќе критериуми.

Листата е подготвена на предлог на Министерството за финансии и Комитетот за јавни инвестиции, а ги опфаќа проектните идеи што ги доставиле институциите – иницијатори на проектите.

Пред да се најдат на листата, предлог-проектите поминале низ детална проверка од страна на Министерството за финансии. Била проверувана комплетноста на документацијата, квалитетот на доставените податоци, стратешката релевантност, како и степенот на подготвеност на проектната идеја за нејзина понатамошна разработка.

Станува збор за проекти со средна и голема вредност, односно со проценета вредност над 5 милиони евра.

Министерството за финансии, по донесувањето на Уредбата за управување со јавни инвестиции, започнало со прибирање на предлог-проектни идеи од институциите. По извршената анализа, Министерството изготвило листа на предлог-проектите, заедно со мислење за финансиските аспекти, одржливоста и изводливоста на секоја проектна идеја.

Потоа листата била доставена до Комитетот за јавни инвестиции, кој ги разгледал и одобрил проектите, по што предлог-листата била доставена до Владата на усвојување.

Со усвојувањето на оваа листа, 41 проект е ставен меѓу приоритетните предлози за јавни инвестиции, а процесот треба да овозможи проектите со поголема финансиска вредност да бидат подетално проверени и приоретизирани пред нивната понатамошна реализација.

На листата се содржани проекти од областа на инфраструктурата, образованието, здравството, енергетика, дигитализација, како и проекти од областа на земјоделството и водостопанството.

Првата конечна приоритетна листа, којашто е усвоена, ќе биде клучна основа за дефинирање на новите капитални инвестиции во буџетскиот процес за 2027 година, како и во инвестициските програми на јавните претпријатија и акционерските друштва во државна сопственост, што значи дека институциите при своето идно инвестициско планирање треба да се усогласат со оваа листа.

Имено, вклучувањето на предлог проектите на конечната приоритетна листа на предлог проекти за јавни инвестиции не значи и обврска за негово финансирање, ниту конечна одлука за негово спроведување. Одлуката за финансирање на предлог проектот ќе се носи понатаму, преку процесот на капитално буџетирање во рамките на расположливите буџетски средства, односно преку инвестициско планирање во рамките на расположливите финансиски средства на јавните субјекти кои не се буџетски корисници, во зависност од зрелоста на проектот и приоритетите на Владата за соодветната фискална година.

Донесувањето на Уредбата, како и на оваа листа е во согласност со Реформската агенда 2024 – 2027 а во насока на управувањето со јавните инвестиции. Уредбата произлегува од Законот за буџети и е донесена минатата година. Комитетот за јавни инвестиции исто така беше формиран минатата година, а првиот состанок се одржа во април оваа година со што започна примена на еден посистематски пристап во планирањето и управувањето со јавните инвестиции во државата. Односно, станува збор за нов начин на организирање и носење одлуки за капитални проекти со вредност над 5 милиони евра, а целта е одлуките за реализација на проектите да се ностат транспарентно и поедноставно да се планираат буџетите за следните години.

Првата конечна приоритетна листа на предлог проекти за јавни инвестиции е објавена на веб-страницата на Министерството за финансии на следниот линк: https://portal.mdt.gov.mk/post-body-files/upravuvanje-so-javni-investiciii-file-Zznn.pdf.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk