logo
logo
logo

Вечер Тема

ПОЖАРИ СЕ ШИРАТ ПО БАЛКАНОТ. Македонија досега со најмалку последици (НАСА мапа на пожарите)

Vecer | 27.07.2025

ПОЖАРИ СЕ ШИРАТ ПО БАЛКАНОТ. Македонија досега со најмалку последици (НАСА мапа на пожарите)

Секојдневно, особено во текот на целиот месец јули, балканските медиуми објавуваат вести за пожари во нивните држави. Има жртви, има уништени куќи, фабрики, манастири и иљадници хектари шуми. Каде е Македонија во тој налет на жештините кои одат и над 40 степени целзијусови, а во Турција и над 50 степени, и кога пожар може да се очекува на секој дел од територијата.

Најлоша е ситуацијата во Грција. Од пожарите во Грција веќе се забележани седум човечки жртви и десетици повредени. Освен штетите врз луѓето, имотите и природата трпат огромни економски штети и сред туристичката сезона која за нив е од животна важност. На Халкидики со денови нема струја и вода во одделни општини како последици од пожарот, на островите состојбата е и полоша.

Единаесет региони во Грција продолжуваат да се соочуваат со многу висок ризик од пожар, објави Радио Слободна Европа. Пожарникарите работат на неколку локации во Пелопонез, а во текот на ноќта имаше неколку пожари на островот Евија, во близина на Атина, каде што пожарите уништија големи делови од шумите и убија илјадници домашни животни.

Две лица загинаа во голем пожар што беснее на југот на Кипар, а стотици се евакуирани бидејќи огнениот елемент уништува домови и се заканува на населби поради интензивен топлотен бран.

Најмалку 100 квадратни километри беа изгорени во регионот за производство на вино северно од градот Лимасол откако пожарот избувна завчера околу пладне.

Две лица беа пронајдени мртви во изгорено возило опкружено со оган. Најмалку десет лица се повредени, од кои две сериозно, соопшти полицијата а објави Радио Слободна Европа.

Пет пожари беа сè уште активни во недела наутро во областа на Пелопонез, западно од Атина, како и на островите Евија, Китира и Крит, додека авионите и хеликоптерите продолжија со борбата во неколку делови од земјата во зори.

Метеоролозите рекоа дека силните ветрови што ги разгоруваат пламените јазици ќе се намалат во повеќето региони во недела, но предупредија дека островот Китира, популарна туристичка дестинација, може да биде засегнат.

Грција, иако со децении подготвувана за вакви состојби не може да ги реши сама, и како членка на ЕУ, е приморана да бара помош од Европската унија од посебен фонд наменет за големи природни катастрофи.

https://www.nytimes.com/video/world/europe/100000007911666/greece-wildfire-evia-evacuations-villages.html?smid=url-share

Слично е и во Албанија. Таму температурите се искачија до рекордни 43 степени Целзијусови. Шумски пожари беснеат низ цела Албанија веќе трет ден, а ситуацијата е особено критична во приморскиот одморалиште Борш на брегот на Јонското Море на југот од земјата. Пламените, кои избувнаа синоќа, се проширија на околните куќи и хотели.

Три лица се повредени во пожар во близина на градот Делвина на југот на Албанија, а околу 2.000 жители се евакуирани.

„Три лица се здобија со изгореници и задушување од чад“, изјави заменик-градоначалничката на Делвина Брунилда Мелеќи.

Таа изјави дека шест села се евакуирани и дека пожарот уништил црква и 11 куќи.

Меѓу повредените е и началникот на полициската станица во Делвина, Агим Троци, кој се здобил со изгореници на стомакот, рацете и нозете додека се обидувал да помогне во гаснењето на пожарот, објави „Албанска пошта“.

Два хеликоптери и околу 60 војници беа испратени да помогнат во гаснењето на пожарот.

Јужниот дел од Албанија е во вонредна состојба, ангажирано е се што се може на решавање на пожарите кои се прилично големи и брзо се шират при што е наложена и евакуација на туристите и населението.

Утрово, според соопштението на албанското Министерство за одбрана, 40 лица, меѓу кои и туристи, се евакуирани, пренесува Анса. Повеќе од 200 припадници на цивилната заштита, пожарникари и воен персонал се ангажирани во гаснењето на пожарот, на кој му помагаат два воени хеликоптери.

Ситуацијата околу градот Валона, особено во селото Канина, моментално е под контрола. Во текот на ноќта, полицијата уапси овчар под сомнение за намерно палење.

Како што објави италијанскиот тим за цивилна заштита, вчера во таа област дејствуваше и специјализиран канадски авион за гаснење пожари, кој дојде од Италија за да им помогне на албанските власти во борбата против пожарната стихија.

Како изгледа ситуацијата со пожарите на Медитеранот можете да видите на овој линк на НАСА. Лесно е забележително дека постои појас од налет на жештина и пожари од Јужна Италија, преку Албанија, Грција, Србија, Македонија, Бугарија... особено во Турција... Тоа е регионален процес во кој никој не е поштеден, но различни се штетите и последиците. Досега најмали последици од пожарите има во Македонија. 

Гори и не запира во Херцеговина, гори во Црн Гора и северно и јужно, во Хрватска... каде настрадаа куќи, имоти и цели земјодоелски стопанства. На територијата на Србија моментално се активни повеќе од 100 отворени пожари, а најзагрозените локации се во близина на Ниш, Врање, Крагуевац, Пријепоље, Мали Зворник, Ужице и Крушевац, соопшти Министерството за внатрешни работи.

Повеќе од 500 пожарникари-спасувачи од сите делови на Србија, со околу 150 возила со различна намена, беа ангажирани во гаснењето на пожарите.

Благодарение на брзата и ефикасна интервенција, спасени се повеќе од десет лица, околу 150 станбени и деловни објекти, една трафостаница, десетици земјоделски имоти, градежни машини и домашни животни.

Според проценките на Одделот за вонредни ситуации, пожарникарите-спасувачи моментално штитат повеќе од 230 објекти со различна намена.

Покрај членовите на противпожарните и спасувачките единици, во акциите учествуваат и членови на Хеликоптерската единица со над 40 излети, членови на доброволни противпожарни бригади, единици за цивилна заштита, членови на ЈП Србијашума, полицајци и граѓани - сите обединети во целта за заштита на животот, имотот и природата, објави РТС

Од вчера централниот и северниот дел на Србија се соочуваат со големо невреме, дождови и силни ветрови кои уништуваат покриви на куќи и имоти но, јужниот дел на Србија се уште е под оган.

До вчера во Македонија се регистрирани 29 пожари на отворени површини, од кои 10 се уште активни. Пожарите се шират во неколку општини, додека три пожари се под контрола, а 16 се изгаснати.

Македонија има најмалку штети предизвикани од пожарите, особено во однос на Грција, Албанија и Босна и Херцеговина каде штетите се огромни, и Србија каде има многу повеќе пожари и со многу поголем обем од овие во Македонија. Досегка во Македонија ен се забележани значителни штети од пожарите за индустријата, куќите или животите на граѓаните како што се случаите во Грција, Албанија, Херцеговина и Хрватска.

Најголемиот број пожари се активни во источните, југоисточните и централните делови од земјата, вклучувајќи ги општините Василево, Прилеп, Македонски Брод, Штип, Зелениково, Желино и Струмица како и околината на Скопје.

Но, гледано во бројот на активирани пожари во Македонија се забележува најголем број на намерно подметнати пожари, дури и со палење на автомобилски гуми што се тешки за гаснење а огнот е долготраен и се шири брзо. Па така, освен задача за пожарникарите и системот за заштита од нив, кај нас ќе има многу работа и за полицијата и утврдување на одговорност на лица за подметнување на пожарите со различни мотиви и намери.

Противпожарните екипи се активни на терен, додека некои пожари се веќе изгаснати, вклучувајќи ги пожарите во општините Кочани, Куманово, Гостивар и Ресен како и во околината на Скопје. Наскоро се очекуваат дождовите и намалување на температурите, а со тоа и опасноста од пожари.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk