Владата е целосно фокусирана на економски развој, отворање нови работни места и подобрување на стандардот на граѓаните, изјави вицепремиерот Тимчо Муцунски, реагирајќи на тврдењата за наводни договори или планови за прифаќање мигранти во земјата. Тој категорично ги отфрли ваквите информации како невистинити и политички мотивирани.
„Сакам да бидам кристално јасен: оваа Влада ниту водела, ниту ќе води политика за прифаќање мигранти – во каква било форма. Нема договори, нема преговори, нема квоти, нема центри, нема транзитни аранжмани. Таква иницијатива ниту е разгледувана, ниту постои политичка намера во таа насока. Сето тоа е апсолутна невистина“, изјави Муцунски.
Тој посочи дека стратешкото партнерство со Обединетото Кралство се темели на соработка во економијата, политиката и безбедноста, со фокус на иницијативи што носат реални придобивки за граѓаните, а не на „измислени сценарија пласирани за дневнополитички потреби“.
Според него, темата за мигранти се користи како „класичен обид за дефокус“, кој произлегува од, како што рече, драматично нискиот рејтинг и безидејноста на СДСМ.
„Крајно неодговорно е да се одржуваат прес-конференции врз основа на сензационалистички, непроверени и неточни информации, со што намерно се создава лажна перцепција во јавноста и се злоупотребуваат чувствителни теми за партиски цели“, додаде Муцунски.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата