Во текот на 2024 година, жителите на Западен Балкан на возраст од 16 до 74 години, речиси двојно поретко порачувале производи или услуги преку интернет отколку граѓаните на ЕУ, покажуваат информациите на Европската статистичка служба – Евростат.
Според тоа, додека просекот на ниво на ЕУ е 60,2 проценти, во Македонија учеството на оние кои минатата година пазарувале преку интернет изнесува 39,4 проценти, што е повеќе од стапките во Босна и Херцеговина, каде изнесува 34,8, Црна Гора со 24,5 и Албанија со 16,3 проценти. Секоја од четирите држави се третира како еден статистички регион.
Во Србија, која е поделена на четири региони, состојбата е нешто подобра, па така во реонот на Белград таа стапка е 52,4 отсто, додека во останатите статистички региони се движи од 44,3 во „Јужна и Источна Србија“, 44,9 во „Шумадија и Западна Србија“, до 48,4 проценти во Војводина.
Исто така, и во земјите членки на ЕУ од Балканот оваа стапка е под европскиот просекот.
Во Хрватска тој удел е 52,5 отсто, во Словенија во источниот регион 49,8, додека во западниот 58,9, а во Грција, со исклучок на регионот „Егејски Острови-Крит“ каде изнесува 68,3 проценти, таа се движи од 40,8 во „Централна Грција“, 56,5 во „Атика“, до 57,3 отсто во „Северна Грција“.
Во Бугарија, пак, стапката на граѓани кои купуваат онлајн се движи од 21,7 отсто во југоисточниот регион, 24,9 во северозападниот, 26,5 во јужниот, 33,1 во североисточниот, 36,8 во северниот, до 44,7 проценти во југозападниот регион, во кој спаѓа и Софија.
Во Романија, тој удел е највисок во Букурешт од 51 отсто, додека во останатите седум статистички региони се движи од 26,4 до 40 проценти
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата