Голема истрага за наводна проневера на 2,26 милиони евра од надоместоците што граѓаните ги плаќале при регистрација на возила отвора прашања за тоа каде завршувале парите и кој бил вклучен во шемата. Според јавно достапните податоци, во фокусот се компаниите „Супер Ауто Контрол“ од Кучевиште и осигурителното брокерско друштво „Супер Брокер“, додека меѓу осомничените е и помошник-директорка за финансии во ЈП за државни патишта. Иницијалите и функцијата што ги објави МВР се совпаѓаат со Татјана Миновска, која на јавно објавената листа на вработени во претпријатието е наведена на таа позиција. Истрагата треба да ги утврди сите детали за начинот на кој, според сомнежите, биле пренасочувани средствата и одговорноста на секој од осомничените.
Според „Пари“, иницијалите и адресата на осигурителното брокерско друштво наведени во полициската истрага се совпаѓаат со „Супер Брокер“ АД Скопје. Агенцијата за супервизија на осигурување исто така го води „Супер Брокер“ како активно брокерско друштво со адреса на улицата Александар Урдаревски во Скопје.
И описот на фирмата од Кучевиште која вршела технички прегледи упатува на „Супер Ауто Контрол“ ДООЕЛ. Компанијата е регистрирана во Кучевиште и има овластување за технички услуги за возила, а на сопствената веб-страница наведува дека работи со повеќе станици за технички преглед во Скопје.
Според МВР, првоосомничениот С.С. (49), сопственик и управител на правното лице од Кучевиште, од 2021 до јануари 2026 година изготвувал лажни извештаи за парите наплатени при регистрација на возила. Во тоа, според истрагата, му помагал Д.М. (54), раководител во станицата за технички преглед, кој ги изготвувал и потпишувал фактурите и извештаите што се доставувале до институциите.
Парите потоа, според сомнежите на истрагата, се префрлале преку сметки на брокерското друштво, каде што покрај осигурителните полиси се наплаќале и други надоместоци. Како осомничени се опфатени и Ш.С. (29) и З.Ѓ. (58), извршни членови на Одборот на директори на брокерското друштво, за кои МВР тврди дека знаеле од каде потекнуваат парите и учествувале во нивното прикривање преку префрлања меѓу сметки и мешање со редовните приходи.
Дел од парите, според МВР, биле прикажувани како позајмици, а со дел се купувале недвижности во корист на правните лица. Во истрагата е опфатен и овластен сметководител М.Д. (40), кој се сомничи дека внесувал невистинити податоци во сметководствената документација и во даночните пријави.
Вкупната противправно стекната корист, според полицијата, изнесува 138,8 милиони денари или околу 2,26 милиони евра. Од нив, над 48,4 милиони денари се штета за ЈП за државни патишта, 1,48 милиони за Црвениот крст, 5,58 милиони за Министерството за животна средина, а над 83,3 милиони денари за Буџетот и општините.
Во акцијата беа уапсени С.С., Ш.С. и З.Ѓ., а кривична пријава е поднесена против вкупно шест физички и три правни лица за проневера во службата, перење пари и несовесно работење во службата.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата