Заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски денеска од Турција објави дека „Гранит“ е избраната градежна компанија која ќе го доградува автопатот Скопје - Блаце.
Домашниот оператор веќе беше избран да ги изгради првите два километри од овој автопат од Коридор 8, а сега ќе го довршува останатиот поголем дел од делницата.
Николоски ова го потврди на работната средба со Фатих Туркменоглу, директор на канцеларијата на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), на која се разговараше за изградбата на автопатот Скопје – Блаце.
“На средбата, претставниците на ЕБОР информираа дека во соработка со Јавното претпријатие за државни патишта успешно е завршена постапката за избор на Изведувач. Изведувачот на автопатот е конзорциумот предводен од македонската градежна компанија Гранит. После подолг временски период една домашна градежна компанија целосно ќе изведува автопат.

Автопатот Скопје – Блаце претставува витална патна артерија со која Македонија се поврзува со Косово и Црна Гора. Неговата изградба ќе придонесе за поефикасен транспорт и побезбеден сообраќај , ќе ја подобри поврзаноста со соседните земји и ќе создаде нови можности за економски развој, трговија и инвестиции“, објави Министерството за транспорт.
По завршувањето на сите административни процедури и обезбедување на соодветни банкарски гаранции ќе започне изведбата на терен и градежни активности.
- Планираме Изведувачот да го заврши овој проект во рок од 3,5 години и за најдоцна 3,5 години да имаме автопатско поврзување од Скопје до Блаце, односно од Македонија до Косово и до Црна Гора, изјави Николоски.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата