Тројца нови пациенти се хоспитализирани на Клиниката за инфективни болести во Скопје под сомнение дека се заразени со Западнонилска треска.
Како што информираат од Министерството за здравство, за овие лица моментално се вршат лабораториски испитувања и се очекуваат конечните резултати кои треба да потврдат или демантираат присуство на вирусот.
Во меѓувреме, од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) велат дека до овој момент нема новопријавени и лабораториски потврдени случаи на заболувањето.
Здравствените власти уверуваат дека состојбата е под контрола:
„Министерството за здравство, во координација со Институтот за јавно здравје и сите здравствени установи, продолжува со засилен епидемиолошки надзор. Јавноста ќе биде навремено и транспарентно информирана за сите нови сознанија“, порачуваат од ресорното министерство.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата