Бугарските власти ќе ги испитаат околностите под кои Ива Михаилова пристигнала во Бугарија. Доколку се утврди дека ѝ е потребно обезбедување, ќе ѝ биде доделена заштита, изјавил бугарскиот министер за внатрешни работи Иван Демерџиев, пренесува „Новини.бг“.
Михаилова моментално се наоѓа во болницата „Пирогов“ во Софија, откако ја напушти Македонија, каде против неа се води судска постапка за сообраќајна несреќа со смртни последици.
„Известен сум дека таа и нејзиниот адвокат се наоѓаат во ‘Пирогов’. Ќе се преземат чекори за нејзино сослушување и за утврдување кога, каде и како ја преминала границата“, изјавил Демерџиев, додавајќи дека ќе бидат испитани и другите околности, вклучително и евентуалната потреба од обезбедување.
Во меѓувреме, Министерството за надворешни работи и надворешна трговија на Македонија остро реагираше на приемот на Михаилова во Софија.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата