Волку дилери не се апсени ни за два-три месеци во минатото, а сега се случи дури 70 од нив да бидат фатени за само една недела.
Во текот на изминатата недела (27.07.-02.08.2026), полициски службеници на Министерството за внатрешни работи на целата територија на државата лишија од слобода и приведоа над 70 лица поради сомнение за сторени кривични дела и прекршоци поврзани со недозволена трговија и поседување наркотични дроги, соопштија денеска од МВР.
При преземените мерки, кај лицата биле пронајдени и одземени различни видови наркотични дроги, меѓу кои бела прашкаста материја, кафеава прашкаста материја, хашиш и марихуана, како и дробилки и други предмети поврзани со употреба и дистрибуција на дрога.
Кај дел од лицата, по наредба на надлежен суд, бил извршен и претрес, при што биле пронајдени дополнителни докази поврзани со кривичните дела.
Меѓу приведените лица има и странски државјани, односно државјани на Белгија, Турција и Германија.
Како што порачаа од полциијата, по целосно документирање на случаите, против инволвираните лица ќе бидат поднесени соодветни кривични и прекршочни пријави.
Министерството за внатрешни работи продолжува со интензивни активности за сузбивање на недозволената трговија со дрога и откривање на сторителите на вакви кривични дела, со цел заштита на безбедноста на граѓаните и јавниот ред и мир, децидни се надлежните.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата