logo
logo
logo

“ИМАМЕ СТРАТЕГИЈА: МАКЕДОНИЈА СО ЗАДОВОЛНИ ГРАЃАНИ И ДРЖАВА СО ИДЕНТИТЕТ И ДЕМОКРАТИЈА“

Vecer | 06.12.2025

“ИМАМЕ СТРАТЕГИЈА: МАКЕДОНИЈА СО ЗАДОВОЛНИ ГРАЃАНИ И ДРЖАВА СО ИДЕНТИТЕТ И ДЕМОКРАТИЈА“

Мицкоски: Стратегијата 2025-2030 е национален патоказ, рамката која ја стабилизира државата, ја европеизира без да ја разредува, ја зајакнува без да ја изолира

Христијан Мицкоски, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, на денешниот 18-ти Конгрес на ВМРО-ДПМНЕ под мото ,,Визија што гради држава – За генерацијата што доаѓа 2030“, кој се одржува во општина Кавадарци во спортскиот комплекс ,,Јасмин“, во своето обраќање се осврна на Стратегијата Македонија 2030, која е и национален патоказ, и рамка која ќе ја стабилизира државата.

,,Денес, со усвојувањето на Стратегијата и Доктрината, создадовме нешто повеќе од политички документи, создадовме национален патоказ. Тоа е рамката што треба да ја стабилизира државата, да ја европеизира без да ја разредува, да ја зајакне без да ја изолираме, да ја направи конкурентна без да ја изгуби својата духовна вертикала. Ние не пишувавме програма, ние создадовме договор со иднината. А секој договор, вреди онолку колку што сме подготвени да го исполниме“, кажа Мицкоски.

Мицкоски нагласи дека ова не е само обичен документ, туку и рамка што ја става Македонија во европската иднина без да ја загуби својата историска вертикала.

,,Вечерва, вие, делегатите, ја изгласавте Стратегијата 2025–2030, ја потврдивте Доктрината што ја подготвувавме со месеци, ја усвоивте платформата што треба да го дефинира животот на државата и развојот на партијата во следната деценија.

Тоа не е обичен документ. Тоа е национален договор. Тоа е рамката што ја става Македонија во европската иднина без да ја загуби својата историска вертикала. Тоа е патоказ што гарантира стабилни институции, модерна економија, почитувана дипломатија и самосвесна држава“, истакна Мицкоски и укажа: „Јас ви ветувам, како што сум ветил и пред вас и пред народот, никој нема да го прекрши тој договор. Ниту јас. Ниту владата. Ниту кој било што ја носи одговорноста“.

Реизбраниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, откако делегатите на 18 партиски Конгрес му ја доделија довербата, истакна дека во годините што поминаа, многу се зборувало за тоа што треба да биде Македонија, а премалку за тоа што може да стане.

Вели, затоа што државите не ги уништуваат непријателите однадвор, ги уништува сомнежот и немањето амбиција одвнатре. Според него Македонија премногу долго беше научена да се гледа себе низ очите на другите. Да се мери со туѓи очекувања. Да чекори темпо кое друг го диктира.

А мене отсекогаш ме интересирало едно единствено прашање:

Како ќе изгледа Македонија кога ќе почне да верува во себе?

Вечерва, кога ја усвоивме доктрината, кога ја утврдивме стратегијата, кога дадовме завет пред нацијата, почувствував дека сме многу поблиску до таа верзија на Македонија. Верзијата што нема комплекс на мала земја, туку достоинство на стара цивилизација. Верзијата што не се извинува за своето постоење. Верзијата што знае што сака и оди по тоа со трпение, дисциплина и визија – рече партискиот лидер пред делегатите и гостите на Конгресот.

Понатаму во неговото излагање рече:

Знаете, кога доаѓав кон Кавадарци си помислив на моите почетоци во ВМРО-ДПМНЕ. За мене ВМРО-ДПМНЕ секогаш било една голема идеја, но и емоција која ги создржи сите наши историски пориви врзани со нашата татковина. Ова го кажувам само за да ви ја опишам обврската за која сум свесен дека и ја давате и големината на мојата задача да се води оваа организација.

Место во кои се вградени грамадни имиња, која е распослана врз борбите и идеалите на илинденците, асномците, на луѓето кои беа прогонети од минатиот систем за идеите на ВМРО, на ветераните од деведесетите години. Ви благодарам за доделната доверба. Ви се поклонувам на вашата решеност, лојалност и огромна доверба – емотивно зборуваше претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, а воедно и премиер на Македонија.

Тој упати порака до своите сопартиици дека „имаме работа пред нас“.

Погледот наназад не го правиме за да броиме потешкотии, кои ни се случиле, би рекол дека го правиме за да ја разбереме цената на оваа доверба која денес ја добиваме. Поминавме низ години на удари, неправди, притисоци и политички парадокси што можеле да ја уништат секоја послаба организација. Но ВМРО-ДПМНЕ не се води од моменталната сила, туку од историска длабочина. Опстанавме затоа што ја носевме идејата како обврска, а државата како морална должност – рече Мицкоски.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk