Известувачот за Македонија во Европскиот парламент(ЕП), Томас Вајц денеска искара бугарска новинарка.
„Треба да се информирате, малку да промислите за тоа што го зборувате и да ги прочитате правилата“, одговори Вајц на денешната прес-конференција, на забелешките на бугарска новинарска дека неговиот кредибилитет како известувач е доведен во прашање поради наводните сомнежи дека се среќавал со македонски претставници и дека лобирале кај него.
Вајц нагласи дека против него се води „масовна кампања на клевети“ која е апсолутно неоснована и дека тој целосно ги следел правилата на Европскиот парламент.
„Како може да биде неподобно да се говори со македонската страна кога јас пишувам извештај за Северна Македонија. Можеби треба малку да промислите за тоа што го зборувате. Ви препорачувам да ги прочитате правилата, а јас се водам од сите правила на ЕП целосно, па дури и претерувам во тоа“, рече Вајц.
Тој истакна дека како известувач на ЕП за земјава неуморно работел за „добро избалансиран и непристрасен извештај за демократскиот напредок на оваа земја“, но оти „некои бугарски ервопратеници го искористиле извештајот за домашни цели“.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата