Вкупниот приход што минатата година заеднички го оствариле сите електрани што работат со обновливи извори на енергија е 107,7 милиони евра, покажуваат податоците од Бизнис Мрежа. Нивната вкупна добивка е речиси 24 милиони евра, податок што покажува дека оваа дејност е високо профитабилна, со големо учество на профитот, од дури 22,8 насто, во вкупниот приход во дејноста.
Сепак, податоците покажуваат и дека иако приходот во 2024 година се зголемил во однос на 2023 година, добивката се намалила, се вели во анализата на порталот Пари.
Во Македонија има 1.494 центарли од обновливи извори
Обновливите извори на енергија создаваат една сосема нова енергетска приказна за Македонија. Увозот на електрична енергија значителни се намали, а бројот на производители на струја од обновливи извори на енергија се зголеми.
Податоците од крајот на 2024 година зборуваат за дури 1.494 електроцентрали од обновливи извори со вкупна инсталирана моќност од 1.663 MW, што претставува речиси 56 отсто од вкупната инсталирана моќност на територијата на државата!
Нивното производство, пак, лани учествувало со 41 отсто во вкупното производство на електрична енергија.

Минатата година 89 отсто од бруто-домашната потрошувачка на електрична енергија е обезбедена од домашно производство. Значи, увозот изнесувал 11 отсто. Пред да почне експанзијата со обновливите извори, зборувавме и за увоз од 30 насто.
Медиумот Пари, во соработка со Бизнис мрежа, ги анализираше најголемите производители на струја од обновливи извори.
Пресметките покажаа дека десетте најголеми по приход, направиле заеднички промет од 54,8 милиони евра во 2024 година, десетте компании што се на врвот по добивки направиле заеднички профит од 15,1 милион евра, а најголемите 10 работодавачи меѓу ваквите производители на струја, заедно имаат само 154 вработени.
ЕВН Електрани – шампион и по приход и по добивка
ЕВН Македонија Електрани ДООЕЛ Скопје, или, како што е позната, ЕВН Електрани, е фирма ќерка на ЕВН Македонија. Таа управува со 11 мали хидроцентрали со вкупна инсталирана моќност што изнесува 47 MW, кои на годишно ниво обезбедуваат електрична енергија за околу 20.000 домаќинства. ЕВН Електрани поседува и 6 фотоволтаични централи со вкупно 20 MW инсталирана моќност.
Оваа компанија е на врвот и по приход и по добивка од производство на струја од обновливи извори на енергија. Лани остварениот приход ѝ бил 15 милиони евра, но тоа е дури 29 отсто помалку отколку во 2023 година. Добивката на оваа компанија чие целокупно производство на струја е од обновливи избори на енергија, изнесувала 7,2 милиони евра, речиси половина од приходот. И оваа добивка била значително помала отколку во 2023 година, за дури 23,6 насто.
На листата на 10 компании по приход се 5 што успеале да влезат и во ТОП 10 по добивка, но 5 и покрај прометот не биле толку профитабилни.
Топ 10 производители на струја од обновливи извори според приход во 2024 година

Како што може да се види од податоците, две компании: Тхор импекс и Био ентерпрајс и покрај милионските приходи се во загуба.
Тхор импекс е инвеститор на ветерниот парк Богословец, кој започна со работа на 24 јануари 2024 година со осум ветерни турбини меѓу Штип и Свети Николе.
Немале најголеми приходи, ама имале најголеми добивки
Најголема добивка од скоро еден милион евра има фирмата Тотал енерџи од Струмица на Душко Заев, најмладиот од кланот Заеви кој со 20 години веќе е милионер.

ЕВН Електрани, Централ инвест и Меј енерџи се компаниите што ги држат првите три места по добивка. Нивните добивки, како што може да се види и од табелата на компании со најголеми приходи се: 7,2 милиони евра, 2,4 и 1,9 милиони евра.
На листата на топ 10 компании по добивка има 5 компании што не се на листата на компании со најголеми приходи:
Производството на електрична енергија од обновливи извори на енергија, со вклучување и на големите хидроелектрични централи, во 2024 година изнесува 2.516 GWh, и е зголемено за 16 отсто во однос на 2023 година, односно зголемувањето е за 343 Gwh.
„Во услови на зголемени инвестиции во обновливите извори на енергија, потребно е создавање предуслови што ќе поттикнат изградба на енергетски капацитети што ќе обезбедат балансна енергија. Дополнително, со можноста за поставување уреди за складирање електрична енергија (батериски системи) ќе се зајакне енергетска стабилност на државата“, пишува во извештајот на Регулаторната комисија за енергетика за 2024 година.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата