Советот на јавните обвинители на денешната седница го продолжи ангажманот на Наташа Крстева Цалева како вршител на функцијата Виш јавен обвинител во Вишото јавно обвинителство Скопје.
Советот не назначи ново лице, туку ја продолжи функцијата на досегашната ВД, со цел да обезбеди континуитет во работата на ВЈО Скопје.
Како што информираше претседателот на СјОРМ, Башким Бесими, постапката за избор на нов Виш јавен обвинител на ВЈО Скопје, уште тече.
-Чекаме оценување од вишите јавни обвинителства, кога ќе стигнат оценките ќе направиме интервјуа и ќе закажеме седница за избор на Виш јавен обвинител на ВЈО Скопје. На Крстева Цалева ѝ истекува рокот утре, затоа е донесена нова одлука во континуитет да биде истата – изјави Бесими.
На денешната седница Советот го усвои и Годишниот извештај за работата на ВЈО Штип, Правилникот за изменување и дополнување на Правилникот за внатрешна организација и утврди динамика за донесување подзаконски акти согласно Законот за Советот на јавните обвинители.
Советот донесе одлука за престанок на функцијата јавен обвинител поради исполнување услов за старосна пензија на Виолета Стојановска, а на седницата беа усвоени и одлуки за распишување огласи за основен јавен обвинител во Крива Паланка и за еден јавен обвинител во ЈО Скопје.
Во точката „Разно“ беа споделени претставки по кои се утврдени неправилности во постапување кај јавен обвинител на основно јавно обвинителство, како и кај јавен обвинител во основно јавно обвинителство за негово постапување во конкретен кривичен предмет кога е отфрлена кривична пријава против три лица.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата