Стармер истакна дека целта на средбата е компаниите „да преземат одговорност“ за безбедноста на младите клиенти, предупредувајќи на „сериозни последици“ за евентуално непостапување во таа насока.
Средбата во „Даунинг стрит“ со раководни лица на компаниите „Meta“, „X“, „TikTok“ и „Google“ во чија сопственост е „YouTube“, се одржува во време кога британската Влада разгледува нови ограничувања за користење на социјалните мрежи од страна на децата. Како можна мерка се размислува за воведување забрана за користење на социјални мрежи за лица под 16 години, ограничување на зависнички функции како бесконечното „скролање“, како и построги контроли врз AI-чатботовите.
Иако премиерот претходно беше резервиран кон мерки како целосна забрана, тој сега најавува дека ќе преземе конкретни чекори за намалување на штетното влијание на платформите врз младите.
„Социјалните мрежи влијаат врз тоа како децата се гледаат себеси, своите пријателства и светот околу нив. Во околности кога постојат реални ризици, игнорирањето не е опција“, изјави Стармер.
Од друга страна, дел од технолошката индустрија се спротивставува на строги забрани. Претставници на „Google“ предупредуваат дека такви мерки може да ги оттурнат децата кон уште понебезбедни делови на Интернет.
Во меѓувреме, притисокот врз владата во Лондон расте, уште повеќе откако во судски случаи во САД беше утврдена одговорност на социјалните мрежи за создавање зависност и изложување на деца на штетни содржини.
Пратениците во британскиот Парламент вчера ја отфрлија втората иницијатива на Горниот дом за воведување итна забрана за користење на социјалните мрежи за лица под 16 години.
Лордовите двапати изгласаа воведување старосна граница за користењето социјални мрежи, но и двата предлози беа одбиени во Долниот дом.
Владата во Лондон најави дека по јавните консултации предвидени за завршат кон крајот на мај, во најкус рок ќе бидат донесени соодветни мерки за ограничување на пристапот на младите кон потенцијално опасните содржини на Интернетот.
Министерката за образование, Оливија Бејли, изјави дека консултациите и јавните расправи што ги спроведува Владата ќе овоможат мерките за заштита да опфатат многу поширок спектар на услуги и функции.
Енди Бароуз, извршниот директор на Фондацијата „Моли Роуз“, го повика Стармер „одлучно да се обврзе на зајакнување на регулативата за да се стави крај на небезбедниот и зависнички дизајн“.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата