Ирската компанија за патничко осигурување Џаст кавер (JustCover) го прогласи Лисабон за најшарен град во светот, покажува најновата анализа заснована на обработка на фотографии од различни светски дестинации.
Според студијата, од избраните фотографии од португалската престолнина биле идентификувани повеќе од 2,6 милиони различни бои, што го става Лисабон на врвот на листата на визуелно највпечатливи градови.
Истражувањето е направено во време кога патувањата сè почесто се документираат и споделуваат на социјалните мрежи, каде што естетиката и визуелниот ефект имаат сè поголемо значење при изборот на туристичката дестинација, особено кај љубителите на фотографија и дигитална содржина.
Лисабон е препознатлив по своите пастелни фасади и декоративни керамички плочки, кои доминираат во историските квартови како Алфама. Дополнителен визуелен белег на градот се и познатите жолти трамваи кои се движат низ тесните и стрмни улички. На второто место се најде Куала Лумпур во Малезија, кој се издвојува по контрастот меѓу современата архитектура и традиционалните објекти, вклучувајќи ги и богато украсените храмови и светилишта.
Третото место му припадна на Порто, уште еден португалски град, со што Португалија добива значајно место на оваа листа. Карактеристичните покриви од теракота, шарените куќи покрај реката и калдрмисаните улици придонесуваат за неговата препознатлива визуелна слика, додека историските вински подруми нудат дополнително искуство за посетителите.
Четвртата позиција ја зазема Картахена во Колумбија, пристаништен град познат по живописната архитектура. Меѓу неговите најпознати обележја е жолтата кула – часовник на влезот во Стариот град, додека зградите во различни бои и балконите украсени со цвеќиња создаваат впечатлив и урбан поглед. На петтото место се наоѓа Рио де Жанеиро во Бразил, каде што биле регистрирани повеќе од 2,3 милиони уникатни бои на фотографиите. Меѓу најпознатите атракции се скалите Селарон, украсени со плочки во жолта, сина и зелена боја, кои привлекуваат голем број туристи секоја година.
Анализата била спроведена врз основа на репрезентативни дневни фотографии за секоја локација, без употреба на силни филтри. Потоа бил користен специјализиран алат за детекција и пресметка за бројот на бои присутни на сликите, со цел да се утврдат најживописните градови во светот. На оваа листа се најде и еден град од Балканот. Дубровник е рангиран на 11. место, што го става меѓу најшарените туристички дестинации според ова истражување.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата