Американците и, особено, автомобилската компанија Тесла на моќниот Илон Маск, се во паника од кинеската авто индустрија која се шири и го освојува светот и со нови технологии, и со пристапни цени. Затоа, се најавуваат остри ограничуавња и забрани за кинеските автомобили во САД какви не се видени никогаш и никаде досега.
Нов американски закон би можел да забрани дури и краткорочен влез на кинески автомобили во САД.
Двајца политичари од државата Мичиген предложија закон со кој ефикасно би се забранило влегувањето на кинески автомобили во САД, дури и за туристи кои доаѓаат од Канада или Мексико.
Предлогот, наречен „Закон за заштита на Америка од кинески автомобили“, има за цел да го спречи влегувањето на таканаречените „поврзани возила“ од Кина и други земји што Вашингтон ги смета за безбедносен ризик.

Законот би ги опфатил автомобилите произведени или дизајнирани во Кина, како и возилата на компании во кои кинеските сопственици имаат повеќе од 15 проценти удел.
Ваквите правила би можеле да влијаат и на одредени добро познати брендови. Меѓу нив се Volvo и Polestar, поради значителниот удел во сопственост на кинеската група Geely.
Особено контроверзен дел од предлогот се однесува на туристите. Доколку се усвои, граѓаните на Канада и Мексико нема да можат да влегуваат во САД со своите кинески автомобили, дури ни за еднодневна посета.
Застапниците на законот тврдат дека современите кинески возила претставуваат потенцијален безбедносен ризик бидејќи можат да собираат податоци за локацијата, да ја снимаат околината и да ја мапираат инфраструктурата.

Сепак, критичарите веруваат дека предлогот е претеран и може дополнително да ги оштети односите на САД со соседните земји.
Предлог-законот е сè уште во почетна фаза од постапката, но покажува дека загриженоста на американските власти за кинеските автомобили и нивната технологија продолжува да расте.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата