Во потрагата по долговечност и поквалитетен живот, сè повеќе внимание привлекуваат едноставните, секојдневни навики кои не вклучуваат скапи третмани ниту ригорозни режими. Токму таквиот пристап ‒ побавно темпо, повеќе движење и акцент на меѓучовечките односи ‒ денес на социјалните мрежи се нарекува „nonnamaxxing“ (максимизирање на стилот на живеење на бабите). Иако звучи како минлив тренд, зад него стојат многу конкретни, долгорочно одржливи навики.
Италија е меѓу водечките земји според очекуваниот животен век, а бројот на стогодишници постојано расте. Животот на италијанските баби затоа е вистински пример и инспирација, а од нив навистина може многу да се научи.
Па, во што е тајната?
Прифаќање на стареењето
Во италијанската култура стареењето не се крие. Постарите жени не се обидуваат да изгледаат помлади по секоја цена: носат го она што го сакаат, одат на плажа без двоумење и не се откажуваат од сопствениот стил. Таквиот став не е само естетски, туку и психолошки важен. Истражувањата покажуваат дека позитивниот поглед на стареењето може да влијае на побавен биолошки процес на стареење и подобро општо здравје.
Активна улога во семејството и заедницата
Бабите во Италија често имаат клучна улога во секојдневниот живот на семејството, особено кога станува збор за грижата за внуците. Освен емоционалната вредност, таквата вклученост се поврзува и со подобри когнитивни функции во постарата возраст. Но и надвор од семејството ‒ помагањето на другите, волонтирањето или секојдневните ситници ‒ докажано придонесуваат за подолг и поис исполнет живот.
Движењето како стил на живот
Пешачењето е составен дел од секојдневието. Градовите и селата се прилагодени за пешаци, а многу постари луѓе и понатаму се потпираат на своите нозе како примарно превозно средство. Редовното одење, дури и во кратки интервали, го намалува ризикот од прерана смрт и носи подобро здравје.
Побавен ритам и присутност во моментот
Во италијанските кафулиња често може да се види како постарите жени едноставно уживаат во кафето, без мобилен телефон и без брзање. Тоа „dolce far niente“ (слаткото ништонеправење) одразува поширок културен пристап кон животот. Помалку мултитаскинг, повеќе фокус на моментот. Токму таквата свесност го намалува стресот и придонесува за ментална отпорност.
Сезонска и едноставна исхрана
Акцентот е на свежите, сезонски намирници, подготвени на едноставен начин. Медитеранската исхрана, богата со маслиново масло, зеленчук, овошје и цели зрна, веќе долго време се поврзува со долговечноста и со помал ризик од хронични болести.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата