Американскиот сенатор Берни Сандерс и демократскиот претставник Грег Касар поднесоа закон со кој се бара трајна забрана за развој и употреба на вештачка суперинтелигенција и привремено запирање на развојот на најнапредните системи за вештачка интелигенција.
Предлогот, насловен како Закон за забрана на вештачка суперинтелигенција, исто така повикува на создавање на наменски Оддел за вештачка интелигенција на САД кој ќе го надгледува развојот на најмоќните системи за вештачка интелигенција и ќе воспостави безбедносни прописи пред да можат да се распоредат.
Асошиејтед Прес беше првиот што го доби предлогот. Што би било забрането?
Предлогот ја дефинира вештачката суперинтелигенција како систем што ги надминува човечките когнитивни способности или поседува доволно напредни способности за да планира и изврши уништување или губење на човечката контрола.
Таквите системи би биле трајно забранети. Развојот на другите најнапредни системи со вештачка интелигенција привремено би се запрел сè додека нова федерална агенција не изготви безбедносни правила и процедура за одобрување. Потоа, за пуштање во употреба на таквите системи би било потребно федерално одобрение.
За одредени прекршувања на забраната, предлогот предвидува казни кои во некои случаи би можеле да достигнат и до 20 години затвор. „Не треба да си гениј за да кажеш: забавете“, изјави Сандерс за АП.
„Дали навистина сакаме да развиеме суперинтелигенција која, штом ќе стане попаметна од луѓето, би можела да функционира независно од човечка контрола? Не мислам дека сакаме“, додаде тој. Предлогот е поддржан и од дел од вработените во големите компании за вештачка интелигенција.
Меѓу нив се истражувачот од OpenAI, Хуан Фелипе Серон Урибе, и софтверскиот инженер од Google DeepMind, Сванте Шолц, кој нагласи дека зборува во свое име, а не во име на компанијата.
Сандерс и Касар уште на почетокот на септември најавија дека ќе предложат ваков закон. Тогаш тие изјавија и дека сакаат САД да иницираат меѓународни преговори насочени кон ограничување на развојот на вештачка суперинтелигенција надвор од границите на САД. АП известува дека предлогот има мали шанси да биде усвоен во Конгресот, кој е под контрола на републиканците.
Досега, Конгресот на САД не успеа да постигне поширок консензус дури ни за многу поблаги правила за регулирање на вештачката интелигенција.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата