На Росов Остров во Росовото Море, длабок залив на Антарктикот, планината Еребус чади на околу 1.350 километри од географскиот Јужен Пол. Најјужниот активен вулкан во светот во својата внатрешност крие езеро од вжештена лава.
А, во гасовите што постојано избиваат од овој природен отвор кон внатрешноста на Земјата научниците пронајдоа микроскопски честички на кристално, елементарно злато.

Според научниот труд објавен во 1991 година во списанието „Геофизикал рисрч летерс“, Еребус секој ден исфрла околу 80 грама микроскопска златна прашина, која ветерот ја разнесува и до 1.000 километри подалеку, а можеби и повеќе.
Тоа е единствениот познат вулкан во светот што исфрла честички од кристално злато, пишува „Science alert“.
Вистинската мистерија не е тоа што вулканот исфрла злато, туку како тоа воопшто успева да ја напушти магмата.
Всушност, присуството на злато во вулканските емисии не е необична појава. Траги од злато преку хемиски анализи се откриени во примероци од вулканите Килауеја на Хаваите, Етна во Италија, Аугустин на Алјаска и Ел Чичон во Мексико.
Подоцнежните теоретски истражувања укажаа дека златото може да се пренесува преку врели вулкански течности, а веројатно и преку гасови. Тоа има смисла со оглед на тоа што вулканот во суштина е отвор во Земјината кора низ кој растопениот материјал од длабочините се пробива кон површината.

Многу елементи, како што се бакарот, среброто, живата, арсенот, селенот, сулфурот, но и златото, се наоѓаат во таа огромна природна „топилница“, каде што можат да се врзуваат со други елементи и да формираат различни соединенија.
Притоа, златото не испарува како вода од чајник - точката на вриење на чистото злато е далеку повисока од температурите во вулканите. Наместо тоа, се смета дека тоа „патува“ во испарливи соединенија кои содржат хлор или сулфур и кои можат да постојат во врелите вулкански гасови.
Меѓутоа, според истражувачкиот тим предводен од геохемичарката Кимберли Микер од Институтот за рударство и технологија на Ново Мексико во САД, златото од Еребус се однесува на начин што не е забележан кај ниту еден друг вулкан.
Во рамките на истражувањето научниците собраа примероци од снегот околу кратерот, од гасовите што се издигаат над езерото од лава, како и од воздухот во долните слоеви на атмосферата над Антарктикот, дури до 1.000 километри оддалеченост од вулканот.
Во сите три групи примероци пронајдоа микрометарски честички од чисто злато.
Под електронски микроскоп честичките изгледаа како сложени, правилно обликувани кристали со речиси совршена геометрија, а не како неправилни зрнца. Некои од нив беа широки и до околу 60 микрометри.
Проценетата дневна емисија од 80 грама злато, всушност, е помала отколку кај некои други вулкани. Според тогашните мерења, Килауеја дневно испуштал меѓу 500 и 800 грама злато, додека процените за Етна достигнувале дури 2,4 килограми.
Сепак, кај Еребус постои нешто што овозможува златото да се издвои од соединенијата кои го пренесуваат во вулканските гасови.
Еден од моделите што ги предложија научниците претпоставува дека златото од лавата се изнесува во испарливи соединенија со хлор. Како што гасовите се ладат, златото кристализира, се издвојува од тие соединенија и на крајот паѓа на антарктичкиот мраз.
Проблемот со оваа теорија е што гасовите содржат многу мала количина злато, па во такви услови е многу тешко во воздухот спонтано да се формираат толку убаво обликувани кристали.
Според хипотезата на вулканологот Филип Кајл, златото постепено се формира во кората на површината на езерото од лава, од каде што потоа со нагорните вулкански гасови се носи во атмосферата.
Иако од ова откритие поминаа повеќе од 30 години, научниците и понатаму немаат конечен одговор.
Се чини дека нешто во врска со планината Еребус на овој вулкан му дава единствена способност антарктичкиот снег да го посипува со ситна златна прашина, речиси како некое немирно митско суштество.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата