logo
logo
logo

Нскоро на WhatsApp - БЕЗ КОРИСНИЧКО ИМЕ НИКОЈ НЕМА ДА ВЕ НАЈДЕ

Vecer | 03.07.2026

Нскоро на WhatsApp - БЕЗ КОРИСНИЧКО ИМЕ НИКОЈ НЕМА ДА ВЕ НАЈДЕ

Корисниците на WhatsApp наскоро ќе можат да користат кориснички имиња наместо телефонски броеви, соопшти компанијата во понеделник, најавувајќи промена што треба да реши еден од нејзините недостатоци во приватноста.

Компанијата соопшти дека почнала да им дозволува на корисниците да резервираат уникатни кориснички имиња, кои ќе се користат за контактирање со други корисници кога функцијата ќе биде воведена подоцна оваа година.

WhatsApp, кој вели дека има повеќе од три милијарди корисници ширум светот, досега им дозволувал на сите што го имаат вашиот телефонски број да ве контактираат.

Апликацијата, во сопственост на Meta Platforms, објави на својот блог дека во „наредните месеци“ корисниците ќе можат да бидат пронајдени и контактирани само преку корисничко име, а не преку телефонски број. Попрецизен временски рок не беше наведен.

„Ова го дизајниравме како клучна функција за приватност“, изјави за новинарите Алис Њутн-Рекс, потпретседател за развој на производи во WhatsApp.

Во апликацијата нема да има директориум за кориснички имиња, ниту WhatsApp ќе предлага кориснички имиња додека ги внесувате.

„Луѓето ќе треба да го знаат вашето точно корисничко име за да ве контактираат првиот пат“, рече таа.

Моменталните опции за заштита на приватноста на WhatsApp се претежно ограничени на блокирање на индивидуални корисници и исклучување на звукот на повици од непознати броеви. Апликацијата им овозможува и на корисниците да додадат име на профил, но тоа се прикажува само во групни разговори на луѓе кои немаат зачуван контакт на тој корисник.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk