logo
logo
logo

ЗАД РОЗОВИОТ СВЕТ НА БАРБИ Приказна за падот на една деловна империја и едно семејство

Vecer | 25.05.2026

ЗАД РОЗОВИОТ СВЕТ НА БАРБИ Приказна за падот на една деловна империја и едно семејство

Приказната за жената која ја измисли најпознатата кукла на планетата, славната Барби, е преполна со неверојатни подеми, но и со трагични падови. Рут Хендлер со својот изум засекогаш ја промени индустријата за играчки и создаде културен феномен кој трае со децении. Меѓутоа, додека нејзината пластична креација го освојуваше целиот свет, нејзиниот приватен живот полека, но сигурно се распаѓаше.

Родена како Рут Москович, таа била десеттото и најмладо дете во големо семејство на полски емигранти. Нејзините родители ѝ предвидувале сосема обичен живот на домаќинка покрај маж и деца, но таа имала сосема поинакви планови. Се запишала на курсеви за индустриски дизајн и со тоа длабоко ги разочарала своите традиционални родители.

Сепак, во 1938 година се омажила за Елиот Хендлер и набрзо добиле две деца, ќерката Барбара и синот Кенет. Нејзиниот сопруг заработувал за живот правејќи декоративни рамки за слики. Имено Рут еден ден предложила да ги искористат остатоците од дрво за да направат минијатурен мебел за кукли, а на тоа ја поттикнала малата Барбара која од коцки правела креветчиња за своите играчки. Се покажало дека правењето мебел е многу поисплатливо од рамките, и токму од таа мала идеја е родена славната компанија „Мател“ (Mattel).

Интересно е што самото име на компанијата всушност настанало со спојување на имињата на партнерот на Елиот, Матсон (Matson) и самиот Елиот, па иако Рут била таа која го создала препознатливиот светски бренд, нејзиното име воопшто не се нашло во тој назив.

Куклата од швајцарски бар донесе половина милијарда долари

За време на едно семејно патување низ Европа во 1956 година, семејството застанало во еден швајцарски локал каде Рут забележала необична кукла со нагласени пропорции на возрасна жена и прилично провокативна облека. Се викала Лили и всушност се продавала како хумористичен сувенир за возрасни, а никако како детска играчка.

Со оглед на тоа што Рут одамна забележала дека нејзината ќерка Барбара воопшто не сака да си игра со класичните кукли-бебиња, туку од списанијата сечела фотографии од манекенки и со нив замислувала сцени од животот на возрасните, веднаш сфатила дека на пазарот му недостига токму ваква играчка. Ги откупила правата за Лили и целосно го преуредила нејзиниот изглед, водејќи се според ликот на Џејн Менсфилд, најголемата русокоса ѕвезда на американските екрани во тоа време.

Патентот официјално го добила во 1958 година, а новата кукла го добила името Барби токму по нејзината ќерка. На почетокот, возрасните купувачи на саемите сметале дека таквиот изглед е целосно несоодветен за деца, но Рут не се откажувала, туку започнала директни телевизиски реклами наменети исклучиво за детската публика.

Резултатот бил апсолутно неверојатен – куклите брзо се продавале во стотици илјади примероци, а до крајот на првата деценија од продажбата, приходот на компанијата надминал неверојатни половина милијарда долари.

Тешка болест, судење и прекин на односите со ќерката

Околу 1970 година, кога Рут го заземала местото на една од највлијателните деловни жени во земјата, работејќи како прва жена потпретседател во Американското здружение на производители на играчки и член на советот на Никсон, сè тргнало тркалајќи се надолу.

Таа година ѝ бил дијагностициран рак на дојка, а додека лекувањето и борбата за здравјето се оддолжувале, нејзината сопствена компанија постепено ја туркала во втор план. Иако формално ја задржала титулата претседател, реалните одлуки веќе наголемо се носеле без нејзино учество и знаење.

Само осум години подоцна уследил уште еден страшен удар, бидејќи била обвинета за малверзации со хартии од вредност, па на суд добила пет години условна казна и голема парична казна. Луѓето од бизнисот ѝ ја презеле компанијата што ја градела од нула цели триесет години, а медиумите кои дотогаш ја кревале во небесата, почнале да пишуваат за неа со сосема поинаков, строг тон.

Сепак, нејзината борба со ракот и мастектомијата ја натерале да осмисли целосно нови и удобни протези за гради, бидејќи оние што тогаш биле достапни на пазарот биле неадекватни и неприродни. Нејзината нова деловна визија повторно успеала, а таа медицинска компанија ја продала во 1991 година.

Навистина трагично, истата таа година починал нејзиниот син Кенет, додека ќерката Барбара дотогаш веќе целосно го прекинала секој можен контакт со мајка си. Барбара отворено ѝ замерувала за тоа што цел живот куклата со нејзиното име стоела меѓу нив две, па имала чувство дека нејзината мајка вложила повеќе труд во едно парче пластика отколку во живо битие, оставајќи ја неа цел живот да се бори со очекувањата на таа совршена кукла.

Иако Рут почина во 2002 година, нејзината креација ќе ја надживее со векови како убедливо најпрепознатливата играчка во светската историја.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk