Археолозите во Кина направија извонредно откритие кое фрла нова светлина врз древната историја на производството на пиво. Во гробница стара повеќе од 2.300 години, лоцирана во близина на дел од Кинескиот ѕид, научниците пронајдоа бронзено шише исполнето со течност, за која подоцнежните анализи покажаа дека е древно пиво.
Откритието е објавено во научното списание Journal of Archaeological Science и претставува еден од најзначајните докази за напредните техники на производство на алкохол во древна Кина.
Истражувањето било спроведено на археолошко наоѓалиште во близина на градот Гујуан, во кинеската покраина Нингсија. За време на ископувањата, археолозите наишле на необично бронзено шише кое содржело околу 3,7 литри течност.
Гробницата во која било пронајдено шишето потекнува од периодот меѓу 445 и 221 година пред нашата ера, време кога во Кина постоеле бројни држави кои се натпреварувале за превласт пред создавањето на првата кинеска империја.
По детални лабораториски анализи, научниците потврдиле дека течноста не е вода ниту некаков растителен екстракт, туку вистинско пиво произведено од житни култури.
Според истражувачите, откритието се вклопува во древните кинески погребни обичаи. Во тоа време било вообичаено покојниците да бидат погребувани со храна и алкохолни пијалаци, за кои се верувало дека ќе им помогнат во задгробниот живот и ќе овозможат комуникација со духовниот свет.
Токму затоа археолозите сметаат дека пивото било оставено како дел од погребниот ритуал, со цел да му служи на покојникот и по смртта.
Научниците во примерокот идентификувале дури 23 различни класи органски соединенија, меѓу кои аминокиселини, масни киселини и јаглехидрати. Највпечатливото откритие било присуството на 8.571 клетка квасец, што претставува силен доказ дека течноста поминала низ процес на ферментација.
Дополнителните анализи откриле присуство на просо, пченица и јачмен, што потврдило дека станува збор за пиво произведено од житарки, а не за овошен ферментиран напиток.
Истражувачите нагласуваат дека составот на пијалакот сведочи за изненадувачки развиена технологија на производство за тој историски период. Иако најстарите докази за ферментација на територијата на Кина датираат од околу 7000 година пред нашата ера, првите пива добиени преку сладење и варење на житарки се појавиле пред околу 5.000 години.
Новото откритие покажува дека традицијата на производство на пиво во Кина била високо развиена и неколку века пред новата ера, а истовремено нуди вредни сознанија за исхраната, технологијата и верувањата на древните кинески цивилизации.
Пронајденото бронзено шише и неговата содржина денес претставуваат редок временски капсул кој им овозможува на научниците подобро да го разберат секојдневниот живот и културните практики на луѓето кои живееле пред повеќе од два милениума.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата