logo
logo
logo

ОД ПЕКОЛОТ НА АУШВИЦ ДО СЛОБОДАТА НА УМОТ: Минатото не можете да го избришете, но можете да изберете танц, љубов и среќа

Vecer | 26.05.2026

ОД ПЕКОЛОТ НА АУШВИЦ ДО СЛОБОДАТА НА УМОТ: Минатото не можете да го избришете, но можете да изберете танц, љубов и среќа

„Танцувај!“ – тоа ѝ го рекол првата ноќ во логорот. Едит Егер, секако, знаела да танцува: балет учела од петгодишна возраст. Во трико и хеланки вежбала истегнувања. Врвот на рбетот исправен, стомакот затегнат, вдиши, издиши... Знаела како да го користи здивот за да го контролира своето тело.

Ја знаела целата кореографија на композицијата „На убавиот син Дунав“. Мислела дека си замислува кога првата ноќ во логорот ја слушнала токму таа музика. Тогаш тој се појавил во нејзината барака. „Мала танчерко. Танцувај за мене“, рекол. Така ја нарекувал: мојата мала танчерка. Него го викале Ангелот на смртта.

Подоцна, откако се преселила во Америка, не сакала ничие сожалување. За тоа место не сакала ни да размислува. Само сакала да биде вистинска Американка. Освен тогаш, таа не ни знаела како се изговара тоа место на англиски: „Аушвиц“.

Како да го изговори тоа без акцент? Сепак, другите подоцна, кога дознале за нејзиното минато, токму со тоа име ги споредувале своите проблеми. Страшно е, велеле за некоја неволја, но „не е како да си во Аушвиц“.

Набргу сфатила дека тоа е погрешно сфаќање: не постои хиерархија на страдањето. Не сакала луѓето да го гледаат нејзиното страдање и да помислат дека затоа нивните проблеми се помалку важни. Сакала да ја погледнат и да си помислат: ако можела таа да издржи, можам и јас!

Почнала да зборува. Најпрво тоа го правела на сопствената терапија, потоа за време на школувањето за психолог, а на крајот и како авторка на бестселери. Нејзината порака секогаш била иста: минатото не можете да го промените ниту да го избришете, но можете да изберете како ќе одговорите на него. Можете да бидете депресивни или можете да бидете среќни. Тој избор е барем ваш, порачува таа.

Без избор

Таа на почетокот немала избор. Во својот нов живот, во улога на сопруга и мајка во американскиот Балтимор, не можела да ги контролира реакциите. Чувствувала анксиозност кога ќе слушнела сирена. Ѝ се вртело во главата кога ќе слушнела тешки чекори.

Кога возачот на автобусот ќе викнел по неа, таа се свиткувала на подот од автобусот плачејќи и тресејќи се. Не беше толку страшно. Не е ова Аушвиц, си велела во себе. А сепак, секогаш беше Аушвиц.

Имала само 17 години кога завршила војната, а веќе видела толку многу работи. На пример, она момче во логорот. Го врзале за дрво, а потоа војниците на СС пукале во него. Го погодиле во стопалото, раката, дланката, увото...

Мало дете кое го користеле како мета за вежбање гаѓање. Потоа, онаа девојка која се обидела да побегне. Војниците ја убиле, а потоа нејзиното тело го обесиле среде логорот како предупредување за другите.

Или онаа трудница: кога ѝ почнале породилните маки, припадниците на СС ѝ ги врзале нозете една до друга. Никогаш немала видено некој да поминува низ таква агонија.

Се сеќавала и на убавите нешта, како домот во тогашна Унгарија. Едната сестра свирела виолина, другата клавир, а таа била танчарка, па потоа гимнастичарка. На 16 години ненадејно била избрана да тренира со олимписката репрезентација. А потоа, исто така ненадејно, била исфрлена поради нејзиното „потекло“.

Набрзо почнала да носи жолта ѕвезда. Потоа, една ноќ дошле војници и ја одвеле нејзината мајка. Додека влегувале во Аушвиц под натписот „Arbeit macht frei“ (Работата ослободува), логорскиот оркестар почнал да свири. Нејзиниот татко се свртел кон неа со воодушевување. „Гледаш. Не може да биде ова страшно место“, рекол тој. Никогаш повеќе не го видела.

Сеќавањето е важно. Тоа била една од последните реченици што ѝ ги кажала мајка ѝ. Додека возот се приближувал кон Аушвиц, таа се свртела кон Едит. Сè што имале им било одземено, но рекла: „Никој не може да ти го земе она што си го зачувала во својот ум.“

Кога ги растовариле од вагоните, ја одвеле и нејзината мајка. Еден беззаб војник ги распределувал жените во два реда, прашувајќи ја секоја: дали сте болни? Гласот му бил речиси љубезен. Болните, старите, а меѓу нив и нејзината мајка, ги праќал лево.

Се обидела да тргне по неа, но тој ја фатил за рамото и ја запрел. „Само оди под туш.“ Подоцна прашала друга затвореничка каде е мајка ѝ. Затвореничката кимнала со главата кон оџакот од кој излегувал чад. „Мајка ти гори внатре. Подобро почни да зборуваш за неа во минато време.“

Ангелот на смртта

Беззабиот човек се вратил таа вечер. Дознала дека тоа е Јозеф Менгеле – логорскиот лекар, „Ангелот на смртта“. Слишала дека секоја вечер сакал да прошета низ логорот барајќи затвореници кои ќе го забавуваат. Бил префинет убиец и љубител на уметноста. Постоел и логорски оркестар. Затворениците марширале во ритамот на нивните весели маршеви, а биле претепувани со виенски валцери.

Менгеле запрел пред една од бараките. Сакал танчарка. Одеднаш, некој ја турнал неа напред. Логорскиот оркестар засвирил „На убавиот син Дунав“. „Танцувај!“, рекол тој, но таа не можела да се помрдне. Тогаш се сетила на зборовите на мајка ѝ.

Нејзиното тело било заробено, но нејзиниот ум ѝ припаѓал само на неа. Затоа, со него се ослободила. Си замислувала дека не танцува во Аушвиц за убиецот на нејзината мајка, туку на сцената на Будимпештанската опера. Танцувала за љубовта. Танцувала за животот.

Сепак, кога војната завршила и кога почнал маршот на смртта, таа за малку ќе умрела. Германците ги терале да пешачат со денови, сè додека не огладнела толку многу што јадела трева, и толку многу ослабнала што повеќе не можела да стои. Лежела на куп лешеви.

Слушнала некој како вика: „Американците пристигнаа!“, но не можела да се помрдне. Имала околу 30 килограми. Една рака, за која подоцна ќе дознае дека му припаѓала на американски војник, се протегнала кон неа; на неговата дланка имало црвени, зелени и жолти бонбони. „Храна“, рекол тој. Подоцна ќе научи дека се викаат „M&M's“.

Подоцна научила и други работи – од повеќе од 15.000 депортирани луѓе од нејзиниот роден град, преживеале само 70. Научила дека она поради кое тресејќи се паѓала на подот се вика „посттрауматско стресно растројство“. Воопшто не ѝ се допаѓал зборот „растројство“.

Нејзините реакции не биле растроени, туку природни. И научила како да го изговори тој збор: „Аушвиц“, иако до крајот на животот го изговарала со акцент.

Но, тоа веќе не било важно. Минатото, научила таа, не можете да го промените. Но, можете да изберете како ќе се однесувате кон него. Можете да ја изберете среќата. Можете да ја изберете љубовта. Можете да го изберете танцот.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk