Народната банка со богата програма: Од 28 октомври започнуваат Деновите на финансиската писменост и Светскиот ден на штедењето

Vecer | 27.10.2026

Народната банка со богата програма: Од 28 октомври започнуваат Деновите на финансиската писменост и Светскиот ден на штедењето

Со цел зајакнување на финансиската едукација, поттикнување на финансиската инклузија и зголемување на свеста и заштитата на потрошувачите при користење на финансиски производи и услуги во современи услови на дигитализација, од 28 октомври до 5 ноември ќе се одржат повеќе активности во рамките на одбележувањето на Светскиот ден на штедењето - 31 октомври и Деновит за финансиска писменост.

По повод одбележувањето на Светскиот ден на штедењето - 31 октомври, Народната банка ќе организира работилница за штедење со ученици, која ќе се одржи во просториите на основно училиште, а потоа учениците ќе ја посетат Народната банка, каде што ќе се запознаат со работата на институцијата. Во исто време, Народната банка ќе организира едукативни предавања, како и квиз за ученици од средно училиште. Како дел од соработката со „Сојузот“, средношколци годинава ќе ја посетат Народната банка, а ќе биде организиран и форум на тема: „Важноста на штедењето за економијата и поединецот“, на кој средношколците ќе имаат можност да дискутираат за темите за парите, штедењето, инвестирањето и управувањето со личните финансии.

Во рамките на Деновите на финансиска писменост, Народната банка ќе организира виртуелен настан на тема: „Родова финансиска инклузија“, кој ќе се одржи на 4 ноември 2026 година. Предавањето ќе го одржи Елизабет Наумовски, која живее во Канада и е реномирана говорничка за финансиска едукација и мотивациски говорничка за жени. Исто така, во соработка со Светската банка, Народната банка ќе објави едукативно видео на тема: „Како да испраќате пари дома преку SEPA - Единствената европска платна зона“ со цел да се запознае населението со предностите на прекуграничните плаќања и приливи во евра, со над 40 земји-членки на SEPA. Меѓу другото, Народната банка ќе организира и посета на основни училишта од руралните средини во земјата како дел од руралниот караван со цел да се запознаат учениците со функциите и задачите на Народната банка.

Народната банка го одбележува Светскиот ден на штедењето веќе четиринаесетта година. Деновите на финансиска писменост се одржуваат по десетти пат и се организирани од финансиските регулаторни институции - Народната банка, Министерството за финансии, Комисијата за супервизија на пазарот на капитал, Агенцијата за супервизија на капитално пензиско осигурување - МАПАС и Агенцијата за супервизија на осигурување, во соработка со приватниот финансиски сектор и граѓанските здруженија.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004- 2026. Vecer.mk