logo
logo
logo

Симов: На стопанството му е потребна даночна предвидливост

Vecer | 06.12.2023

Симов: На стопанството му е потребна даночна предвидливост

Кога младото работоспособно население треба да почне да придонесува за државата и за општеството, тоа се иселува и започнува да работи и да живее во друга земја, иако претходно се потрошени значителни средства во претшколскиот период, основното, средното и за високото образование на тоа население.

Ако се земат предвид трошоците за сите тие луѓе за здравство, образование и сето друго потребно за раст и развој на еден човек, ќе се дојде до фрапантни загуби што ги трпи нашето општество по тој основ, загуби што се далеку поголеми од директните странски инвестиции, вели во интервјуто за Магазинот за туризам и менаџмент, Орце Симов, потпретседател на Сојузот на стопанските комори и претседател на ИКТ-комората.

Јамката околу компаниите се добива впечаток дека сѐ повеќе се стега. Владата внесува дополнителни давачки што ќе бидат дополнителен товар за македонското стопанство.

Солидарниот данок е еден од нив. Рокот за плаќање заврши, а обврската не ја исполниле најмалку 30% од фирмите. Бизнис-заедницата се обиде да го оспори законот на Уставен суд, но сѐ уште нема одлука. Колку е ваквата обврска тежина за македонското стопанство?

Едни од многуте услови за бизнис-клима која овозможува позитивен раст, развој и напредок на компаниите се поволната даночна политика и даночната предвидливост.

Со оваа мерка се влошува даночната политика, а се нарушува и даночната предвидливост. Зголемувањето на даноците и даночната непредвидливост и нестабилност има неповолно влијание врз условите за водење бизнис. За да може успешно да се планираат инвестициите и бизнис-операциите, условите за работа, од кои дел е и даночната регулатива, треба да бидат стабилни и непроменливи.

Ако и има потреба од некоја промена во која било регулатива што го засега бизнисот, нејзиното стапување во сила треба да биде најавено најмалку 6 месеци однапред.

Овој закон, популарно наречен солидарен данок, спротивно на принципите на предвидливоста, е донесен ретроактивно, што создаде дополнителни проблеми за компаниите што беа опфатени со него.

Ниту една од тие компании во плановите за работа за 2023 година ја нема предвидено оваа обврска. Ретроактивното носење на неповолна мерка е неприфатливо и за граѓаните и за стопанството, а е правно проблематично, и во согласност на тоа овој данок е оспорен на Уставен суд.

Одлуката за гарантирани цени Владата одлучи да ја продолжи до крајот на годината. Дали компаниите ја чувствуваат штетата од оваа одредба?

Наместо ограничување на цените на одредени производи, Сојузот на стопански комори бараше лимитирање на маржите со што ќе се избегне можноста за работење со загуба на одредени компании со продажба на одредени производи доколку влезните трошоци се поголеми од ограничената продажна цена, а компаниите се обврзани да ги имаат во својот асортиман.

Трошоците на компаниите растат по многу основи, а приходите се намалуваат и поради намалената куповна моќ на населението и поради намалувањето на бројот на самото население поради емигрирање од државата, а и од други причини.

Во овој период, имаме цени на енергенси високи како никогаш досега, високи цени на репроматеријали, резервни делови, на опрема за производство, нарушен е глобалниот синџир на снабдување што води кон дополнителни трошоци, платите на вработените растат несразмерно со растот на бруто-домашниот производ, така што оваа одредба е тешка за компаниите.

Владата требаше солидарно да дејствува во насока на помош на граѓаните и на намалување на инфлацијата.

Во истиот момент кога ги ограничи цените на прехранбените производи, Владата го зголеми данокот на додадена вредност од 5% на 10% за 1.600 производи, наместо солидарно да учествува во помошта кон граѓаните, а во насока на намалување на инфлацијата, данокот од 5% да го намали на 0% додека се во сила мерките на ограничени цени. Напротив, Владата не ја ни задржа стапката на 5% данок, туку двојно ја зголеми, со што дополнително долеа масло во огнот.

Дали има Владата слух за стопанството и колку често сте консултирани пред да бидат донесени одредени одлуки?

Добро е да се консултира стопанството, пожелно е, но во тоа не се состои клучниот проблем.

Стопанството нема средства, луѓе и ресурси да размислува и да дефинира владини мерки. Негова задача е да иновира нови производи и услуги, да произведува, да дава услуги, да ги оптимизира процесите, да се бори за нови пазари и да пронаоѓа нови корисници во и надвор од државата.

Стопанството треба да обезбеди приходи за финансирање на своите расходи и приходи за развој на идни производи и услуги преку продажба на постојните и затоа сите напори на стопанството треба да бидат во таа насока. Владата, пак, добива средства од даноци, акцизи и други извори. Нејзина задача е да креира деловна средина која ќе овозможи оптимално функционирање на стопанството и живот на граѓаните.

Треба да се проучуваат успешни држави, да се види кои се нивните модели на работа, соодветно да се приспособуваат таквите модели на нашите потреби и со тоа да се обезбеди можност за поефикасна работа на компаниите, што, пак, ќе доведе до зголемување на бруто-домашниот производ.

Со поголемо создавање нова вредност, ќе се подобри и стандардот на сите граѓани и состојбата во која се наоѓа целокупното општество. Владините мерки треба да бидат системски и суштински. Одржливите и вистински развојни стратегии се децениски, не се имплементираат преку ноќ. Наместо да имаме мерки со кои на некои компании им се доделуваат средства по одреден критериум, треба да има мерки кои ќе овозможат компаниите сами да креираат средства.

Наместо некому секој ден да му се дава риба, треба да се создадат услови сам да лови риба. Во овој контекст, владините мерки треба да бидат краткорочни, среднорочни и долгорочни. Во тие краткорочни мерки, добро е да има и такви кои ќе обезбедат финансиска поддршка за компаниите кога има тешки услови за преживување, но главен акцент треба да се стави на среднорочните и долгорочните мерки кои системски и суштински ќе ја подобрат бизнис-климата.

Симов: „Македонските граѓани треба да инвестираат повеќе во сопствени бизниси и во останати финансиски инструменти без очекување за брзо збогатување.“

Симов: „Македонските граѓани треба да инвестираат повеќе во сопствени бизниси и во останати финансиски инструменти без очекување за брзо збогатување.“

Работната сила е еден сериозен проблем во македонското општество. Покрај тоа што сте дел од раководството на Сојузот на стопански комори, Вие сте и професор. Според Вас, која е причината што Македонија нема доволно стручен кадар и зошто си заминува тој кадар од земјава?

Континуираниот одлив на население, а со самото тоа и на работна сила, е еден од поголемите проблеми со кои се соочува македонското стопанство.

Овие миграциски процеси му нанесуваат голема штета на целото општество воопшто. Кога младото работоспособно население треба да почне да придонесува за државата и за општеството, тоа се иселува и започнува да работи и да живее во друга земја, иако претходно се потрошени значителни средства во претшколскиот период, основното, средното и за високото образование за тоа население.

Овие емиграциски процеси се изразени кај нас со векови, и жално е што не можеме да си ги организираме системот и државата да обезбеди услови за работа и за живот од кои ќе бидеме задоволни и нема да имаме мотив за емиграција.

Живееме во одлични климатско-географски услови и, за жал, многу често се емигрира во многу полоши услови за живот од тој аспект. Според некои статистики, во последните 20 години се иселени 500.000 луѓе од државата, а само во последната година, 53.000 луѓе.

Ако се земат во предвид трошоците за сите тие луѓе за здравство, образование и сето друго потребно за раст и развој на еден човек, ќе се дојде до фрапантни загуби што ги трпи нашето општество по тој основ, загуби што се далеку поголеми од директните странски инвестиции.

Ако биле во минатото финансиските причини главен мотив за емиграција, сега сѐ повеќе се иселуваат и добро ситуирани луѓе. Причини за тоа се нефункционирањето на здравството, образованието, правосудството, загадената животна средина и слично.

Ова се одразува многу неповолно и на стопанството. Од една страна се намалува базата на купувачи за какви било производи, а од друга, пак, се намалува и бројот и на неквалификувани и на квалификувани работници. Компаниите не можат да најдат потребни работници за своите бизнис-операции, а тоа многу често води кон голема флуктуација на работниците од една во друга компанија. Оваа флуктуација ги зголемува трошоците на компаниите, нововработениот во почетокот се обучува, ги учи процесите и принципите на работа и неговиот придонес е незначителен.

Кога ќе почне да дава некаков придонес, се вработува во друга компанија и процесот почнува одново. Но, не е сѐ така песимистички, треба да бидеме оптимисти и да се избориме за подобра иднина. Има повеќе примери во кои сиромашни земји, земји од Третиот свет, со правилни политики за неколку децении влегле во друштво на највисоко развиените земји.

Дали сметате дека месечните примања на граѓаните во Македонија се ниски и колкав е капацитетот на фирмите да исплатат повисоки плати?

Споредено со земјите од развиениот свет, во Македонија се ниски месечните приходи. За да се зголемат платите, потребно е да се работи повеќе и попродуктивно, и со тоа да се создаде нова поголема вредност, која потоа би се поделила и во вид на плати и во вид на пензии.

Ако се зголемуваат платите со административни мерки, а тоа не е поткрепено со продуктивност и со зголемен производ, зголемувањето е неодржливо и ќе доведе до зголемување на инфлацијата и до намалена куповна вредност за работниците, но и за граѓаните воопшто.

Владата треба да создаде подобри услови за водење бизнис, да ја намали корупцијата, да ја намали црната економија, која во моментот е 40 проценти, и побрзо да ги приспособува законските регулативи на новите технологии во светот, што ќе овозможи пристап и легална работа со нив уште во нивните рани фази. Сопствениците на бизниси, менаџерите и претприемачите треба да бидат ориентирани кон инвестиции, технолошки иновации и оптимизирање на процесите во своите компании, а работниците исто така треба континуирано да ги надградуваат своите вештини и да се трудат што повеќе да придонесат во организациите во кои работат, независно дали се тоа приватни или државни организации.

Само на овој начин ќе успееме одржливо да ги зголемиме стандардот и благосостојбата во општеството.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk