Без разлика колку банкарскиот систем инвестира во сајбер безбедноста, секогаш постои слаба точка што ги прави сите други методи на заштита неуспешни. Ова го доживеаја банките во Бразил откако беше откриено дека хакерите украле приближно 800 милиони бразилски реали (околу 140 милиони долари).
Иако ова е веројатно најголемиот дигитален грабеж во историјата, начинот на кој е извршен е особено впечатлив.
Имено, хакерите му платиле на вработен во технолошката компанија C&M Software, која ги поврзува помалите банки и финтех компаниите со инфраструктурата на бразилската централна банка, само 15.000 реали (2.760 долари) за да ги добие неговите корпоративни акредитиви, пишува Zimo, повикувајќи се на decrypt.
Ова резултираше со неовластен пристап до банкарски сметки и целосно исцрпување на средствата за помалку од три часа.
Бразилската полиција, која го истражува целиот случај, објави дека измамата започнала уште во март, кога сајбер-криминалците му се обратиле на ИТ оператор од C&M Software и му понудиле 5.000 реали за неговите системски акредитиви. После тоа, му дале уште 10.000 реали за да им помогне да го изработат софтверот за упади.
Откако добиле пристап до системот, напаѓачите издале лажни налози за трансфер на пари, претставувајќи се како оштетени банки. Штом ги фатија парите во свои раце, започна операцијата за нивно конвертирање во разни криптовалути низ Латинска Америка. Анализата покажа дека најмалку 30 до 40 милиони долари биле префрлени во биткоин, етереум и тетер пред да се открие пробивот.
Истражителите сега испитуваат дали нападот е поврзан со софистицирани бразилски мрежи за сајбер криминал, кои често се координираат преку каналите Телеграм и WhatsApp.
Централната банка на Бразил потврди дека успеала да врати дел од украдените средства, но дека напорите за враќање остануваат ограничени кога станува збор за трансфери до нерегулирани берзи за криптовалути.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата