logo
logo
logo

Мерилин Монро

Смрт како порачана

Vecer | 19.06.2023

Смрт како порачана

Мерлин Монро е една од најголемите икони на филмот од дваесеттиот век. Лик кој го надминува филмот кому се посветила, модата и гламурот од кој била зависна, сексот и пороците на кои им робувала... политиката, моќта, мафијата и сјајот на ѕвездите ја паметат како неповторлива, жена со свој белег во филмската историјата кој се уште не е надминат.

Норма Џин се родила на 1 јуни 1926 година, во сиромашно семејство од Лос Анџелес, како вонбрачно дете на нејзината мајка Гледис Бејкер која била монтажер во холивудското студио RKO.

Кога имала само седум години, Норма Џин останала сама. Нејзината мајка Гледис заминала во психијатарска болница, по долга низа психички растројства и нервен слом. Била упатена во дом за деца без родители, бидејќи нејзиниот татко Едвард Мортенсон се откажал од неа веднаш по нејзиното раѓање. Во домот останала се до единаесеттата година, кога заминала оттаму за да живее кај родителите на нејзина пријателка. Со нив била пет години, по што семејството поради сиромаштијата морало да се сели во друг град, а немале услови и понатаму да ја примат кај себе.

Изборот на Норма Џин, на возраст од шеснаесет години, бил: да се врати назад во домот, или да се омажи. Таа го одбрала второто.

Изборот бил Џими Доерти, сосед со кој се забавувала претходните шест месеци. Се венчале на 19 јули 1942 година. И можеби таа приказна би имала среќен крај, да не биле воени времиња, и да не морал Џими Доерти да зимине во војска, во морнарицата на Пацификот. Тој заминал на брод, а Норма Џин почнала да работи во фарбрика за оружје.

Токму таму ја забележал фотографот Дејвид Коновер од агенцијата Yank. Тој ден ќе биде негов среќен ден, затоа што Норма Џин ќе биде негово откритие кое ќе го прослави, и ќе му донесе заработка од која тој живеел со години. По таа нивна средба Норма Џин почува да работи како фото модел, со плата од 5 долари по сесија, а нејзините фотографии повремено се појавуваале во локалните магазини.

Во еден од тие магазини ја забележал Хауард Хјуз, мистериозен богат продуцент, пилот и вљубеник во авионите кој, патем, бил и директор на студиото RKE, истото во кое некогаш работела нејзината мајка.

Средбата се случила брзо, како што брзо се случил и нивниот љубовен викенд по што Хауард Хјуз и понудил договор за ангажман во студиото RKEНорма Џин не го добила ангажманот кај Хаурад Хјуз, но добила договор од големото холивудско студио 20th Century Fox. Ова ќе биде нејзин прв чекор кон Мерилин Монро.

Во 20th Century Fox немала многу ангажман. Воглавно, била старлета која се појавува и статира во мали сцени, и придружничка на некои од продуцентите во нивните ноќни забави. Бракот со Џими Доерти бил минато.

Првата филмска улога ја добила во 1947 година, во комедијата Шокираната мис Пигрим од режисерот Џорџ Сетон со Бети Грејбл како главен лик, каде што Норма Џин не се ни појавува, туку дел од филмот е нејзиниот глас на телефонистка. Такви, мали улоги ќе игра се до 1950-та година, кога добива улога во филмот Џунгла на асфалтот, на славниот режисер Џон Хјустон, а нејзиното име и лик ќе се појават и на плакатите од филмот.

Пред тој филм, продуцентите решаваат од неа да создадат препознатлив лик. Го отфрлаат нејзиното име, како и презимето кое го добила по нејзината баба, и ја бојат косата и таа станува - русокосата Мерилин Монро, секс бомба и заводничка од Џунглата на асфалтот.

Следат неколку улоги по кои не е особено забележана во јавноста, се до 1953 година, кога со режисерот Хенри Хетевеј го снима филмот Нијагара. По овој филм Мерилин препознава можност да остави трага зад себе во филмската индустрија. Во 1955 година заминува за Њујорк, да учи глума во школата на славниот Ли Стразберг.

Во Њујорк оснива своја продуцентска куќа, и како актер и продуцент учествува во филмовите Автобуска станица и Принцот и танчерката, во кој игра со големиот Лоренс Оливие. Тие два филма го промовираат нејзиниот талент и вложен труд во студиото на Ли Стразберг, и ја препорачуваат за сериозни и важни улоги.

Во 1959 година Мерилин игра во комедијата на Били Вајдлер - Некои тоа го сакаат жешко, настапувајќи заедно и равноправно со Џек Лемон и Тони Кертис. За улогата во овој филм Мерилин Монро добила награда, Златен глобус.

Тоа е време на нејзината слава. Мерлин Монро е ѕвезда која е следена од јавноста и обожувана до граници кои се невројатни, дури и за тие години кога филмските ѕвезди од Холивуд имале статус на мали божества. Местата на кои Мерилин се појавувала се посетени од стотици, дојдени само да ја видат на влезот, магазините ја објавуваат само на насловните страни, нејзиното однесување, облекување и провокативност стануваат критериум за женски стандард. Жените ги бојат косите и стануваат русокоси копирајќи ја нејзината фризура, трепкање и заносно погледнување, а за машкиот свет таа е модел на секс бомба. Да се биде во друштво со Мерилин Монро во тие години, било престиж дозволен на моќните, богатите и влијателните. Тие биле и нејзин избор.

Славата која Мерилин ја сонувала ја објаснила во нејзината изјава: "Не ми се важни парите. Сакам да бидам присутна, да бидам сакана и никогаш да не бидам осамена".

Но, постои изрека која вели: внимавај што сонуваш, сонот може и да се оствари.

Мерилин Монро ја добила славата, присутноста и никогаш не била сама. Навидум, се било како што е посакувано. Но, Мерилин со кревкиот и ранлив карактер, несигурност во иднината која никако не можела да ја согледа и планира, зависна од ноќните забави, друштвото на моќните и богатите живеела под постојан притисок на јавноста и сопствената слика создадена за неа од холивудските студија, кои барале нов лик кој носи нови пари, и кој е употреблив во јавноста за нивните продукции. Мерилин уживала во денот, без сила и воља да го креира. Случувањата кои ја чекаат се оставени – на случајот, и плановите на оние од кои била зависна, моќните и богатите. Важно било да биде забавно, гламурозно и погодно за појавување на насловните страници на магазините.

Нејзината способност да биде постојано во друштво на тие луѓе не останало незабележано од мафијата. Во тоа време таа е веќе алкохоличар и зависник од секс и таблети, и била добра можност за мафијата преку неа да обезбеди комуникација и релации во светот кој на Мерилин и бил дом: светот на милионерите и политичарите. Провокативната русокоса секс бомба се почесто добивала поддршка од босовите на подеземјето, во замена за контакти, влијание кај медиумите и продуцентите... и дрога.

Во тие години имала необврзувачки односи со многу мажи. Имала и врска со познатиот француски шансониер и актер Ив Монтан, која завршила неуспешно и трауматично за неа. Два пати останала бремена, но имала спонтан прекин на бременоста. Се повеќе добивала напади на депресија, од помислата дека не може да има деца, како и во кризите предизвикани од алкохол и дрога, паничен страв дека ќе заврши како нејзината мајка.

Тоа е крајот на педесеттите, и почетокот на шеесеттите. Дали можело да биде поинаку? Читањето на биографијата вели дека можело, судбината и понудила можност.

Во 1951 година, во некој магазин, нејзината фотографија ја видел тогаш познатиот бејзбол играч на Њујорк јенкис – Џо Димаџио. Иако му оставила впечаток, не и се јавил се до 1952 година.изјавила дека знае за неговото интересирање, но дека не е нејзин тип, бидејќи е стереотип за американски спортист какви таа не посакува.

Се венчале во Сан Франциско, на 14 јануари 1954 година. Набргу, заминале на свадбено патување во Јапонија.

Мерилин, по филмот Нијагара од 1953 година, веќе била русокосата филмска ѕвезда и американски секс симбол, славна и следена од медиумите на секој чекор. Во тоа време американската војска војувала во Кореја, па од министерството за одбрана ја поканиле да настапи пред војниците. Прифатила, и за четири дена имала десет настапи, при што пеела пред сто илјади американски војници. За американската јавност и пропаганда, таа станала ѕвезда со национална и патриотска одговорност. Икона на нацијата.

Џое Димаџио не ја поддржал, и останал во Јапонија, сметајќи дека е неодговорна во време на нивното свадбено патување кое требало да биде приватно и единствено. Таа пак сметала дека е тој љубоморен, и нема разбирање за предизвиците и обврските на филмска ѕвезда која треба да ја усреќи нацијата во таков, специфичен момент.

Кога во њујоршкиот театар Транс Лукс е снимана незаборавната сцена за филмот Седум години верност, кога Мерилин Монро стои над уличната вентилација кој и го подига и вее фустанот, Џо Димаџио експлодирал. Во фоајето ја удрил, со прекорување дека од себе прави будала и курва. По ова, Мерлин побарала и добила развод заради психичко малтертирање. Нивниот брак траел само 274 дена.

Бракот со Димаџио не поминал без неверства. За тие девет месеци брак Мерилин, помеѓу останатите, била и со Марлон Брандо, еден од најпривлечните мажи во тоа време како и со Френк Синатра, со кого врската ќе потрае со години. Посесивноста и љубомората на Димаџио имала причина но, не можела да ја сопре нејзината природа.

Вилијам Кастлбери кој бил пријател и телохранител на Димаџио вели дека тој длабоко пател заради нејзиното неконтролирано однесување и опседнатоста да биде привлечна и посакувана од мажите. особено бил загрижен заради врската со Френк Синатра, кого го сметал за опак, опасен и лош човек поврзан со подземјето.

Мерилин била со многу познати и моќни мажи. Зошто токму Џо Димаџио е толку важен за нејзината приказна, и нејзината судбина? Крајот на приказната ќе го даде одговорт.

Во 1956 година Мерилин се мажи по трет пат, за познатиот писател и драматург Артур Милер. Венчавањето било тајно, далеку од јавноста и фотографите. Иако била христијанка, по наговор на Артур Милер преминала во јудизам, прифаќајќи ја еврејската вера за своја. Откако го снимила филмот Принцот и танчерката, парот се вратил од Англија во САД и тие откриле дека Мерилин е бремена, но таа боледувала од ендометриоза, а бременоста била неуспешна.

Сценариото на Артур Милер за Неприлагодени, кое раскажува за трауматичен развод требало да биде негов подарок за неа за Свети Валентин, но во 1960-та кога требало да почне снимањето на филмот, нивниот брак веќе бил пред распад. Се развеле во Мексико, на 24 јануари 1961 година.

Како што рековме, судбината и ги дала Џо Димаџио кој длабоко и искрено ја сакал и Артур Милер кој ја обожувал... и дала можност да биде поинаку од она што било потоа. Но, Мерилин Монро го одбрала другиот, поинаков пат.

На 5 август 1962 година објавено е дека Мерилин Монро починала.

Пронајдена е мртва, ноќта помеѓу 4 и 5 август, во својата куќа во Брентвуд. Ја нашле легната на стомак на својот кревет, потполно гола, а крај неа се најдени дури 15 мали шишиња со медикаменти. Токсиколошкиот исвештај го потпишал доктор Теодор Курфеј, и според него, во телото се најдени зачудувачки големи количества на Нембутал (околу 50 капсули), и хлорален хидрат (околу 20 капсули). Овој наод, кој наликува на чудо, никогаш не е објаснет, ниту е формулиран во службен извештај.

Првичните информации биле дека, според службената верзија, таа умрела од предозирање со лекови, а постоеле соменавања за самоубиство. Убиството, како можност, не се спомнувало од истрагата.

Уште истиот ден почнале шпекулациите дека, сепак, убиството на Мерилин Монро е причина за нејзината смрт. Во јавноста биле познати нејзините односи со мафијата, моќните и богати луѓе, како и со браќата Кенеди, од кои едниот – Џон Ф. Кенеди во тоа време бил претседател на САД.

Списокот на важни и моќни луѓе кои имале љубовни односи со Мерилин Монро бил долг, и многумина од нив имале причина да бидат загрижени од избивање скандал. Некои од нив имале моќ да се погрижат скандалот никогаш да не се случи со тоа што Мерилин Монро ќе умре на време, пред тие да бидат загрозени.

Оние кои биле блиски со неа со години, како Марлон Брандо, на пример, биле убедени дека е таа убиена. Најголемиет сомневања оделе кон браќата Кенеди.

Светлина на мистеријата даваат податоците за последните недели и денови пред смртта, како и увидот во документите од истрагата. И оние кои се објавени, а и оние кои не се објавиле, и се чувале до скоро во фиоките како полициска тајна.

По истекот на 50 години од смртта на Мерилин Монро, во 2012 година се создале и законски можности да се отвори досието за нејзиниот живот, и нејзината смрт.

Досието чувано од ФБИ покажало дека таа била следена од полицијата уште од 1955 година, кога поднела барање за патување во Советскиот Сојуз, и следњето траело се до нејзината смрт во 1962 година. Патем, и нејзината врска, а потоа и брак со Артур Милер, е обработувана од полицијата под формално сомневање дека и тој е комунистички симпатизер.

Ова не било ништо необично за тоа време кога на чело на ФБИ бил Едвард Хувер, неприкосновен прв човек на федералната полиција кој бил шеф на ФБИ од 1935 до 1972 година, што е мандат од неверојатни 37 години.

Се задржал толку долго затоа што надвор од законот снимал и следел се за моќните луѓе, и имал своја тајна архива за секого што значи нешто во политиката и јавноста. Не се воздржувал од уцени кога некој ќе најавел дека е време да бид сменет. Не бил сменет никогаш, бил на чело на ФБИ до последниот ден од животот, а живеел 77 години.

Ова значи дека ФБИ и Хувер, следејќи ја Мерилин Монро, ги имале сознанијата за нејзините односи со мафијата, но и со браќата Кенеди. Имено, иако во јавноста нејзиното име најчесто се поврзува со претседателот Џон Кенеди, Мерилин имала љувна врска и со неговиот брат Боб Кенеди, кој во времето на нејзината смрт бил министер за правда, и неколку пати најавил промени во врвот на ФБИ кои никогаш не се случиле.

Сосема е логично дека шефот на ФБИ Хувер имал снимки од љубовните односи на Мерилин Монро со браќата Кенеди, како и со нивниот зет Питер Лофорд, што за семејството Кенеди било потенцијал за силна компромитација, и постојана опасност за авторитетот и политичката иднина.

Кога во 1992 година починал Фред Оташ, еден од најозлогласените приватни детективи во Холивуд, неговата ќерка Колин ја пронашла неговата архива за Мерилин Монро, и ја објавила.

Според записите на детективот Фред Оташ таа имала односи со двајцата браќа Кенеди, и давала отпор кон нивното однесување коментирајќи дека ја префрлаат еден на друг, како да е предмет. Но, не можела ништо да стори таа игра да прекине.

Се поставува прашањето кој можел да ја присили Мерилин Монро на таквите игри?

Истрагите за убиството на претседателот Џон Кенеди, во Далас на 22 ноември 1963 година, како и истрагата за атентатот врз неговиот брат Роберт, Боб Кенеди кој бил убиен во Лос Анџелес за време на неговата претседателска кампања, на 6 јуни 1968 година... покажале дека семејството Кенеди имало долги и длабоки врски со мафијата, со која соработувале и во политичките активности. Тие контакти и соработка почнале уште од нивниот татко Џозеф Кенеди, кој бил богат банкар и бизнисмен, и учествувал како заднинска поддршка во сите политички кампањи на своите три сина, вклучувајќи го тука и третиот син - сенаторот Едвард Кенеди.

Истрагата за Џон Кенеди утврдила дека тој имал љубовни релации и односи со најмалку 20-тина жени од јавниот живот: актерките Мерилин Монро, Марлен Дитрих, Џин Тијерни, Енџи Дикинсон... шведската милионерка Гунила фон Пост, американската милионерка Мери Пинчо Мејер... Памела Тарнер која била секретарка на неговата сопруга Џеки Кенеди кога тој станал претседател на САД, Мими Алфорд од неговиот претседателски сектор за односи со јавност...

Симптоматично е што запознавањето и контактите со актерикте одело преку Френк Синтара, и мафијата која со децении била мецена и менаџер на кариерата на Френк Синатра. Милионерката Мери Пинчо Меер била мажена за функционер на ЦИА во време на љубовна врска со Џон Кенеди. Во 1964 година, неполна година по убиството на Џон Кенеди, и таа е најдена убиена, а никогаш не е утврдено кој е сторителот.

Како што никогаш не е затворено ни досието за смртта на Мерилин Монро.

Мерилин Монро и Џон Кенеди се запознале во 1962 година, на забава. Ги запознал Френк Синатра кој со Мерилин имал љубовни односи со години. Претседателот Кенеди го побарал, и добил, нејзиниот телефонски број, па набргу заминале заедно за Палм Спрингс.

Спомнатиот агент Фред Оташ имал аудио снимка од љубовен однос на Џон Кенеди и Мерилин Монро во нејзината спална соба. Постојат прибелешки со запишани извадоци од аудио снимките кои детективот ги правел за случајот Монро, кои ги пронашла неговата ќерка по смртта на детективот Оташ.

Во своите белешки, најдени во досието, стои запис напишан рачно од детективот Оташ: - "Слушав како умира Мерилин Монро... во спалната соба беше Боб Кенеди, и ставаше перница врз главата за да не слушаат соседите додека таа невротично вреска", пишува детективот Фред Оташ во своите забелешки од прислушкувањето.

Фред Оташ, во тоа време бил славна и општо омразена личност во Холивуд. Човек кој следел и прислушкувал десетици славни ѕвезди за потреби на нивните продуценти, кредитори, љубоморни сопруги и сопрузи... неговиот карактер е употребен за ликот на детективот во филмот Кинески кварт, а бил и консултант на магазинот Конфиденшал.

Неговиот адвокат, по барање на Оташ пред смртта, ги земал и однел аудио снимките од неговата архива, а останале само запишаните прибелешки. Никој, потоа, не знае што се случило со аудио снимките, бидејќи по Оташ починал и адвокатот.

Што се случувало непосердно пред смртта на Мерилин Монро.

Досието вели дека на денот на смртта, околу 19 часот, Мерилин Монро била посетена од нејзиниот личен психијатар Ралф Гренсон. Тој констатирал дека е таа во лоша, невротична состојба, и побарал од нејзината домашна помошничка Јунис Мареј да не ја остава сама, да ја надгледува и ако забележи влошување да му се јави.

Во речиси исто време кога си заминал психијатарот, забележан е телофонски повик. Питер Лофорд, зетот на Џон Кенеди кој и самиот покрај браќата Кенеди имал претходно љубовни односи со Мерилин Монро, и се јавил да ја покани на вечера но, таа ја одбила поканата, и ја спуштила слушалката. Лофорд забележал дека таа зборува тешко и неповрзано. Звонел повторно, но никој од таа страна не му се јавил. Подоцна, околу 20 часот звонел на втората телефонска линија во куќата на Мерилин Монро, по што му се јавила помошничката Јунис Мареј, а таа му рекла дека со Мерилин е се во ред.

Лофорд, потоа, телефонирал кај Милтон Ебинс, советникот на Џон Кенеди, му ја опишал својата загриженост за Мерилин и предложил заедно да ја посетат. Ебинс му одговорил дека можеби Мерилин се предозирала, и во таква ситуација не е пожелно некој од семејството Кенеди да биде таму. Тоа се случувало околу во 21:30.

Истрагата бележи дека телефонот бил на креветот, покрај Мерилин, и дека никој по Лофорд не звонел на нејзиниот број.

Околу 22 часот менаџерот на Мерилин Монро - Артур Џекобс и неговата сопруга, актерката Натали Трунди, го напуштиле концертот во Холивуд Боул, и заминале кон куќата на Мерилин, откако Мики Рудин ги известил дека Мерилин Монро се предозирала. Никогаш не е објаснеото од каде Мики Рудин знаел за тоа, кога помошничката тврдела дека се било во ред.

Судскиот лекар Гиј Хокет кој во 5:30 наутро констатирал смрт на Мерилин Монро, напишал дека смртта најверојатно настанала помеѓу 21:30 и 23:00 часот. Подоцна, пред судот, Гиј Хокет неколку пати го менувал овој исказ, се додека сите искази на сведоците меѓусебно не се ускладиле.

Службената верзија вели дека помошничката Јунис Мареј, околу 30 минути по полноќ, сакала да влезе во спалната соба на Мерилин но, таа била заклучена. Го повикала доктор Гринсон, и откако тој стасал се обиделе да ја отворат вратата, но не успеале. Куќата на Мерилин била приземна, па докторот излегол и низ прозорецот од спалната соба забележал дека Мерилин лежи на креветот, и според неговата проценка, таа била мртва.

Но, на судот е презентирана и изјава со друга верзија, според која помошничката излегла надвор, и погледнала низ прозорцот во спалната соба... Нема објаснување зошто истите луѓе пред судот давале толку различни искази.

Како што нема објаснување зошто полицијата е повикана дури во 4:00 по полноќ, ако се имало сознание за смртта на Мерилин Монро четири часа претходно. Питер Лофорд, зетот на Џон Кенеди, наводно дознал за смртта во 01:00 часот.

Службената верзија на истрагата вели дека по доаѓањето на полицијата во 04:00 часот, во куќата биле помошничката Јунис Мареј, докторот Гринсон и доктор Хајман Еделберг, личен лекар на Мерилин Монро. Тие им соопштиле дека Мерилин Монро умрела 30 минути по полноќ, во 00:30 часот. Според полициската белешка, собата била чиста, а постелнината на креветот нова и уредна. Полицијата забележала дека никаде во спалната соба нема чаша со вода, а се тврди дека Мерилин испила најмалку триесет таблети пред смртта.

Во документацијата на ФБИ која е отворена 50 години по смртта на Мерилин Монро стои и записник од изјава на Елизабет Полард, сосетка на Мерилин. Таа тврди дека околу 2 часот по полноќ, критичната ноќ, забележала тројца луѓе кои влегуваат кај Мерилин. Едниот носел медицинска торба, а меѓу другите двајца го препознала Роберт Кенеди. Нејзината изјава судот не ја земал во постапка.

Надвор од службената верзија, меѓу новоотворените докуменети на ФБИ за случајот Мерилин Монро, се наоѓа и изјава од Џорџ Мастрерс, личниот фризер на Мерилин, кој тврди дека вечерта пред кобниот ден Мерилин ја поминала со шефот на мафијата Сем Џинкана. Докумнетацијата на ФБИ има и аудио изјава во која фризерот Џорџ Мастерс тврди дека ден пред смртта со Џинкана биле во вилата Кал Неви на езерото Тахо, на имотот на Френк Синатра. Овие изјави во 2012 година ги објавува британскиот Дејли Телеграф.

ФБИ има и други документи за сексуалните игри на браќата Кенеди на кои се присутни Мерилин Монро и Френк Синатра. Во јули 1995 година ФБИ бележи запис со изјава на Жаклин Хемонд, сопруга на американскиот амбасадор во Мадрид, која тврдела дека постоеле такви сексуални оргии во хотелот Карлајл, во Њујорк. Хемонд тврди дека на таквите оргии бил и Питер Лофорд, зет за Патриша - сестра на браќата Кенеди.

Документ на ФБИ од август 1965 година бележи исказ на инсајдер од мафијата кој изјавува дека шефот на мафијата Сем Џинкана ги организирал девојките и оргиите за семејството Кенеди, обезбедувујаќи си конкеција со нив, но и материјал за компромитација ако соработката во иднина дојде во криза.

Во 2010 година доктор Сем Карх го отвара случајот за испитување факти од обдукцијата и форензичките докази. По отварање на досието, утврдил дека голем дел од форензичките докази – се преработувани, а оригиналите исчезнале.

Лос Анџелес Тајмс објави изјава на личниот психијатар на Мерилин Монро, доктор Гринсон кој бил најупатен во нејзиниот живот, и нејзините тајни. Тој исклучува било каква можност за самоубиство, бидејќи ништо не упатува на тоа. Вели дека, едноставно, неможе да ја открие целата приказна заради професионалната етика и односот со Мерилин кој го имал, велејќи дека и неколку месеци по смртта на полицијата и го кажал истото, и ги упатил да побараат информации од Роберт, Боб Кенеди. Според него, на сеансите, тој многу пати и говорел да се држи подалеку од моќните политичари.

Но, Мерилин не го послушала. Денот која нејзиниот живот е решен, веројатно е нејзиниот настап на 19 мај 1962 година, во Медисон сквер гарден, на десет дена пред роденденот на претседателот Џон Ф. Кенеди. Во таа прилика, Мерилин Монро под видно дејство на алкохол излегла на бината, и ја отпеала антологиската Happy Birthday, Mr. President... како честитка за неговиот роденден кој допрва следи, спомнувајќи го милозвучно и неговоо име пред медиумите и неколку стотици одбрани гости, меѓу кои и првата дама Џеки Кенеди.

Во политичките кругови се знаело за врската помеѓу Мерилин Монро и Џон Кенеди, но многумина од политичарите имале такви врски кои не излегле во јавноста. Особено не на таков гламурозен и лично соопштен начин, како што Мерилин Монро тоа го направила таа вечер, во Медисон сквер гарден. Тука е, веројатно, точката по која морало да се избере што ќе опстане: Мерилин Монро, или угледот и кариерата на американскиот претседател Џон. Ф. Кенеди.

И, изброт е извршен, и спроведен.

Смртта на Мерилин Монро, актерка со 30 филмови зад себе, жената со лик на икона на дваесеттиот век која пееше дека дијамантите се најдобар пријател на девојките... инспирацијата за уметници како Ворхол, Џон Ленон или Артур Милер... нејзината смрт усреќи многумина од оваа приказна. Смртта стасала како порачана.

Епилог:

Џо Димаџио, вториот сопруг на Мерилин Монро, останува еднинствениот маж во нејзиниот живот кој искрено ја сакал. И таа го знаела тоа.

Кога во февруари 1961 година е однесена на лекување од зависности во психијатарската клиника Пејн Витни, во оддел за тешки случаи, нејзината кариера и живот изгледале урнати. Но, докторите успеале да ја вратат назад. Кога требало да повика некого, да дојде заради гарантирање на рехбилитацијата, и да потпише за нејзино излегување, таа го повикала Џо Димаџио. Нејзиниот единствен близок човек од доверба.

По нејзин предлог, кажан во неврзан разговор кој Димаџио го запамтил, тој дваесет години по нејзината смрт, три пати во неделата, носел рози на нејзиниот гроб. Тој, и никој друг.

Освен митот со кој зрачела и го освојувала светот, зад неа останува и песна. Елтон Џон и ја пoсветил баладата Good Bye, Norma Jean.

(Д.П. Латас)

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk