logo
logo
logo

РАДИКАЛЕН ПОТЕГ КАЈ СОСЕДОТ - Со државна апликација ќе им ги гасат социјалните мрежи на децата

Vecer | 20.04.2026

РАДИКАЛЕН ПОТЕГ КАЈ СОСЕДОТ - Со државна апликација ќе им ги гасат социјалните мрежи на децата

Грчката влада најави радикален потег за борба против негативното влијание на социјалните мрежи врз младите. Од јуни следната година се планира да се воведе забрана за користење платформи како што се TikTok, Instagram и Facebook за деца под 15 години.

За разлика од повеќето земји, кои се потпираат на препораки и родителски надзор, Грција планира да ја спроведе оваа мерка преку посебна државна апликација, која би била задолжителна на мобилните уреди. Според достапните информации, апликацијата автоматски би го блокирала пристапот до социјалните мрежи за корисниците во целната возрасна група.

Оваа одлука доаѓа како одговор на се поголемата загриженост за изложеноста на дигитални содржини.

Податоците од Грчкиот центар за побезбеден интернет покажуваат дека дури 75 проценти од децата на возраст од основно училиште активно користат социјални мрежи, што дополнително ја зголемува загриженоста на власта..

Грчкиот премиер изјави дека главната цел на оваа мерка е да се заштити развојот на децата и младите, нагласувајќи ја потребата од појасни граници во дигиталниот простор. Според анкетите, околу 80 проценти од граѓаните ја поддржуваат оваа иницијатива.

Грција веќе воведе строги мерки кога станува збор за употребата на технологијата во образованието, вклучително и забрана за употреба на мобилни телефони во училиштата. Најновиот потег дополнително ја класифицира меѓу земјите кои се обидуваат систематски да го регулираат влијанието на социјалните мрежи врз помладата популација.

Иако Грција најавува еден од најстрогите модели во Европа, неколку земји веќе воведоа некои форми на контрола врз употребата на социјалните мрежи од страна на децата и младите. Франција, на пример, ја забрани употребата на мобилни телефони во училиштата за ученици под 15 години, додека во Велика Британија и САД фокусот е на законската регулатива и обврската платформите да воведат посилна проверка на возраста на корисниците. Кина оди чекор понатаму со строги дигитални правила за малолетници, вклучително и ограничувања на времето поминато во користење на апликации и задолжителна идентификација, но таму нема целосна забрана за сите социјални мрежи.

Сепак, експертите предупредуваат дека клучот за успехот ќе биде техничката имплементација на таквиот систем. Особено се истакнуваат прашањата за заштитата на приватноста, безбедноста на податоците и потенцијалниот надзор, што би можело да отвори поширока дебата за границите на државната контрола во дигиталниот простор.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk