Претседателката на Собранието на Србија, Ана Брнабиќ, изјави дека не верува во сценариото според кое еврокомесарката Марта Кос денеска би побарала замрзнување на средствата од фондовите на ЕУ за Србија. Таа нагласи дека таквиот потег не би бил фер, со оглед на тоа што земјата сè уште го чека мислењето од Венецијанската комисија.
Брнабиќ најави дека српската влада нема да го чека официјалното усвојување на мислењето во јуни, туку ќе дејствува веднаш штом пристигне извештајот од експертскиот тим, што се очекува до крајот на април.
„Веднаш по пристигнувањето на финалното мислење на експертите, ќе се започне со измени и дополнувања на сетот правосудни закони, со цел тие во најкраток можен рок, по јавна расправа, повторно да влезат во собраниска процедура, рече Брнабиќ.
Брнабиќ додаде дека во петокот го примила нацрт-мислењето на Венецијанската комисија за низа измени на законите за судство, во кое се оценува дека нацрт-законот е фер и избалансиран и се најавува дека веднаш ќе започне со негово спроведување и изменување на законите за судство на начин препорачан од комисијата.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата